Самоубиствените напади на црквите и хотелите во Шри Ланка во кои загинаа 290 лица, а беа повредени околу 500, се изведени со помош на меѓународни мрежи, соопштија денеска властите.
Владата за виновна ја посочува џихадистичката група Нешенал Тохид Џамат, иако се уште никој не ја презеде одговорноста за нападите, јави Би-Би-Си.
– Имаше меѓународна мрежа без која овие напади не би успеале, изјави портпаролот на Владата, Раџит Сенаратна.
Во соопштението од Владата се наведува дека претседателот Маитрипала Сирисена ќе бара меѓународна помош за пронаоѓање меѓународни врски со напаѓачите.
– Во разузнавачките извештаи се укажува дека странски терористички организации стојат зад локалните терористи, се наведува во соопштението од канцеларијата на претседателот и се додава дека тој затоа ќе побара помош од странски држави.
Властите на Шри Ланка воведоа вонредна состојба, која ќе стапи во сила денеска на полноќ.
Воведени се посебни мерки „за да им се овозможи на полицијата и на трите активни сили во земјата да ја осигураат јавната безбедност”, се вели во соопштението, кое се однесува на пешадијата, морнарицата и воздухопловните сили.
Повеќе од 1.000 војници се распоредени за да се грижат за безбедноста во Коломбо, трговска престолнина и најголемиот град на Шри Ланка.
Вонредната состојба е воведена и поради откриените 87 детонатори за бомби на територијата на главната автобуска станица во Коломбо.