САМОХРАНА МАЈКА ВО СИРОМАШТИЈА РАСТЕ ЧЕТИРИ ЌЕРКИ

by Фокус 11:29
11:29

Тоа што петте деца ѝ претставуваат најголемо богатство ни одблиску не може да ѝ ја анулира сиромаштијата во која тоне секојдневно. Самохраната мајка Десанка Танеска од тетовското село Сараќино, иако во едниот син и четирите ќерки ја гледа смислата на животот, сепак судбината не сакала да ѝ го отвори целосно патот до среќата. Откако ѝ починал сопругот таа ја наследила неговата пензија од шест илјади денари, сума со која не може да ги покрие основните комунални трошоци. Како успева да ги одгледува децата, знае само таа.

Кога ги посетивме во трошната куќа, Танеска ни раскажа дека синот е веќе оженет, но затоа што немало место и нормални услови за живот во семејната куќа, тој се отселил кај родителите на сопругата. Сега таа со четирите ќерки, од кои три се малолетни, живее во куќата која е практично една соба со едно претсобје. Собата е и дневна, и спална, и детска соба, а во неа само два кревета и една маса. Ништо повеќе нема семејството Танески – ниту основните, машина за перење алишта и шпорет.

- Advertisements -

tetovo1.

Полнолетната ќерка наполнила 18 години, и покрај тешкиот живот, сепак завршила средно училиште со солиден успех. Во неможност да го продолжи образованието, таа се надева дека ќе успее да најде работа, иако тоа за сега ѝ е тешка и неостварлива мисија. Од срамот дека живеат во скромни услови не ни сакаше да зборува со екипата на „Фокус“, а уште повеќе да се фотографира.

Другите три девојчиња одат на училиште и цела среќа е што тоа им е на стотина метри од домот, па тие можат редовно да посетуваат настава. Опстанокот на семејството Танески е условен од милоста на соседите и од пријателите што редовно се обидуваат да им помогнат, некој им носи облека, некој храна, некој дрва за огрев. Така Десанка го крпи животот, како секој ден да ѝ е последен.

tetovo12.

Таа се надева дека оваа кратка сторија ќе ги натера хуманите да ѝ помогнат. А Десанка не очекува многу – само помош за децата во прехранбени и во хигиенски производи. И секако тоа што најмногу би ја израдувало е некој да ѝ помогне на најголемата ќерка да најде вработување за барем малку да им се зголеми семејниот буџет и да им олесни животот.

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Помош за социјално ранливи групи“ поддржан од фондацијата „Отворено општетсво Македонија“

Поврзани новости