Се наоѓам во незавидна ситуација и не знам каде да одам со моето 10-годишно дете. Живееме под кирија, поради неплатени сметки газдарицата не брка, ни ја смени бравата и чека да си одиме.
Многу сум настината, не можам да станам од кревет, нема ниту кој да ни ги изнесе работите, а немаме ниту каде да одиме – за ,,Фокус” раскажува Марија Гогова, самохрана мајка од Неготино, во надеж дека нејзината приказна ќе допре до надлежните служби и ќе и се понуди решение.
Како што појаснува, со синот живееле од социјална помош од 5.000 денари, и и останале неплатени сметки за кирија.
Веќе три месеци одела на обука за асистент за нега на стари лица, и вели дека дури наредниот месец се надева дека ќе започне да заработува. До тогаш, не знае каде да оди со своето дете и како да преживее.
-Околу три месеци објаснувам во општината дека имам проблем, потребна ми е помош. Барав да ми се обезбеди сместување додека да започнам да заработувам, за да не останам на улица.
Поради долгот за кирија, газдарицата ме брка, ми ја смени бравата, но бидејќи детето многу ми плачеше, а јас болна не можев да станам, не остави внатре. Но, тоа не е решение, треба да заминеме.
Затоа јавно барам од надлежните институции да ми помогнат во овој тежок период. Да ми се обезбеди кров над глава, да ми се плати кирија додека да застанам на свои нозе- вели Гогова.
За ,,Фокус” градоначалникот д-р Горан Стојанов вели дека нема да се дозволи мајка со 10-годишно дете да остане на улица. Вели дека Гогова може да дојде на средба во неговиот кабинет, и ќе се изнајде заедничко решение.
-Од информациите кои ги имам, мајката бара да и се обезбеди сместување. Општината би помогнала со финансиска помош, дозволена во рамки на законите, со цел да и се плати кирија во перидот додека како што таа вели, застане на свои нозе и започне редовно да заработува. Ќе стапиме во контакт, ќе сториме се што е во наша надлежност да и се помогне. Мајката и детето нема да останат на улица – изјави д-р Стојанов.
Марија Гогова не е единствена во општината која се соочува со проблем со обезбедување на свој дом. Стотици граѓани од ранливи категории чекаат да добијат свое катче.
Пред повеќе од две години, кога во општината се најави нов проект, односно кога во 2019 година започна да се гради зграда со социјални станови, многу семејства видоа надеж дека ќе им се реши проблемот со домувањето.
Ова е прв објект од ваков вид во општината, и тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека ќе биде завршена во рок од најмногу 18 месеци.
Вредноста на проектот била 15 милиони евра, средства обезбедени од банката за развој на Советот на Европа, во согласност со Законот за задолжување на Македонија.
Се работи за зграда со 62 станбени единици со површина од 35 до 47 метри квадратни, за кои право за аплицирање имаат самохрани родители, лица над 18 години без родителска грижа, а кои до полнолетство живееле во институции за деца без родители, лица со попреченост и нивни семејства, социјално загрозени припадници на Ромската заедница, корисници на минимална помош, како и лица погодени од елементарни непогоди.
Иако е изградена, сепак, зградата со социјални станови се уште не е ставена во употреба, неофицијално бидејќи се потребни уште помали внатрешни средувања, а многу семејства од општината кои се соочуваат со проблем со обезбедување на кров над глава, се надеваат на социјален стан.
Градоначалникот вели дека и тој е во очекување на информации кога конечно ќе започне да функционира проектот, односно кога ќе се даде зелено светло за вселување на социјално загрозени лица во зградата.
-Јас како градоначалник немам доволно информации, и чекам официјално известување од Министерството за труд и социјална политика. Не знаеме дали овие станови ќе ги изнајмува општината или пак социјалното, ниту пак кои се точните критериуми за добивање на социјален стан.
Во очекување сум на допис од министерството, и јасно е дека голем е бројот на граѓани кои чекаат да започне доделувањето на становите – порача тој.
Вики Клинчарова