Текстот е објавен на четврти февруари 2011-та година
Разговарала
Јадранка КОСТОВА
ФОКУС Какво е сценариото на СДСМ после бојкот на Парламентот? Како планирате да го срушите овој режим?
БУЧКОВСКИ Наједноставно кажано, морално беше да се направи ова, затоа што СДСМ не располагаше со многу алатки за да се спротивстави на диктатурата на Груевски, кога тој не ги сфати сериозно предупредувањата од последниот голем протестен марш од 5-ти декември, а и нашето барање за предвремени избори. Тој очигледно ја потцени опозицијата, пред се мислам на СДСМ, но, од друга страна, покажа дека нема никакво чувство за реалната атмосфера во нашето општество.
ФОКУС Според реакцијата на Гордана Јанкуловска на вашата одлука за бојкот на собранието, по се изгледа повторно се потценува ситуацијата?
БУЧКОВСКИ Гледајќи како реагираше ВМРО-ДПМНЕ на онаа арогантна прес-конференција, кога им се посака среќа на Црвенковски и на СДСМ, би се согласил дека ВМРО-ДПМНЕ како да не е свесен дека РМ се наоѓа пред сериозен граѓански судир. Не би го користел терминот крвопролевање, но, имајќи предвид што се се случува во последната година со протестите и контра-протестите, и каква сериозна опасност или висок ризик беше да имаш протест на неколку илјади гневни тутунари, а, од друга страна, да донесеш свои подржувачи административци, божем задоволни земјоделци на растојание 500 метри едни од други, мислам дека Груевски игра една опасна игра!
ИЗБОРИ ИЛИ КРВОПРОЛЕВАЊЕ?!
ФОКУС Оваа шема, на секој протест на незадоволните граѓани да се парира со контрапротест беше специјалитет на режимот на Милошевиќ.
БУЧКОВСКИ Кога го спомнуваме Милошевиќ, мислам методологијата на промена или рушење на власта според српскиот модел, каде што во даден момент незадоволството на народот кулминираше со обединување на целата опозиција и на сите оние кои беа против Милошевиќ, не и бегаат на Македонија ако Груевски не биде рационален и не повика на договор за предвремени избори. Црвенковски сега беше доведен до позиција да повлече два можни потези. Или да повика на нов протест, кој сигурно ќе биде поголем од последниот протестен марш. Да потсетам дека нашите членови и симпатизери тогаш порачаа: Следниот пат кога ќе не викнете на протести, не си одиме. Значи, требаше да ги пресмета евентуалните ризици од таков протест, кој на крајот би морал да заврши со насилно рушење на власта, или со серија на судири кои ќе доведат до крвопролевање, што не е метод на СДСМ. Затоа се донесе оваа одлука за бојкотот како последно предупредување!
ФОКУС Што следува после тоа?
БУЧКОВСКИ Ако она на 5-ти декември беше рано предупредување, ова веќе е последниот апел на опозицијата – Груевски да понуди она што во овој момент е единственото решение за кризата, а тоа се нови парламентарни избори, каде што овој гнев, ова незадоволство би се артикулирало во еден правец кој би бил во рамките на системот. Се друго би било негово стимулирање, ако тоа не му и стратегијата. Да ги користиш методите на Милошевиќ со овие контра-протести, значи дека во континуитет провоцираш. Трпението на СДСМ реално е при крај и не може да гарантира дека при следни слични протести, каде што би имало контра-протести, не би дошло до судир на двете групи.
ФОКУС Да речеме дека нема да промени ништо вашата одлука за бојкот. Власта очигледно ќе го тера она што си го наумила. Што тогаш?
БУЧКОВСКИ Тогаш е онаа опција која што сега не ја искористивме. После одлуката за бојкот на Парламентот, Црвенковски изјави дека СДСМ оди со народот. Тоа значи дека народното незадоволство, кое од ден на ден добива се помасовни размери, за жал ќе ја доведе Македонија во варијанта на Тирана, Каиро или на Тунис. Иако тоа не било до сега својствено за граѓаните на РМ. Но, јас не гледам во вакви околности, како би можело да дојде до институционално разрешување на кризата која веќе сега е длабоко политичка. Ние очекувавме дека Груевски ќе ја прифати фрлената ракавица за предвремени избори, штом е убеден дека ја има силната подршка од граѓаните. Но, дефинитивно, и самиот знае дека неговите анкети не се реален одраз на расположението на народот.
ФОКУС Очекувате ли дека ќе има предвремни избори?
БУЧКОВСКИ Мислам дека тоа е неминовно, не гледам друг начин како оваа политичка криза да добие разрешница. Објективно не посакувам, освен ако Груевски не стимулира да дојде до ескалација на кризата, до големи немири и крвопролевање. Тоа би било најлошото сценарио!
КРИТИКИТЕ ОД БРИСЕЛ ГО ПРАВАТ УШТЕ ПОАГРЕСИВЕН
ФОКУС Можно ли е и на изборите да се случи своевидно крвопролевање во други услови? Сме имале такви предизборни сцени, особено во албанскиот политички блок, но, инциденти имало и кај македонските партии. Сега атмосферата е зовриена како никогаш до сега!
БУЧКОВСКИ Многу е зовриена атмосферата, но, која е другата разрешница? Поделбите кулминираа минатата година, а сега само ескалираат. Имаме една ситуација која беше стимулирана од Груевски, но сега излезе вон контрола. Се плашам дека во вакви околности ќе биде неопходно изборите кои се неминовни, да бидат организирани на начин каде што ќе има гаранција дека нема да бидат злоупотребени оние кои во овој момент се најголемиот проблем за демократија во РМ, а тоа се Министерството за внатрешни работи и Министерството за мравда. Со ваква поставеност на овие субјекти, кои ги водат овие две клучни министерства што се битни за изборите, јас стравувам дека изборите може, наместо да бидат инстуционална разрешница, да станат дополнително сценарио за дестабилизација на Македонија. Затоа што реално, ако оваа зовриена атмосфера ја разрешуваме со избори, како што е логично, тогаш би било логично да има подготвеност од страна на Груевски да направи отстапки и на чело на овие министерства да дојдат личности кои ќе можат да гарантираат дека Македонија нема дополнително да се дестабилизира.
ФОКУС Слушнавме остра изјава од амбасадорот Фуере по доаѓањето од Брисел за целава состојба, што ВМРО вообичаено ќе му го препише со сдсм-вска наклонетост. Но, слушнавме остра изјава и од американскиот амбасадор Рикер. Дали власта е во состојба да ги разбере овие пораки?
БУЧКОВСКИ Јас се плашам дека Груевски се грижи за овие изјави, како што му е грижа за ланскиот снег. И тоа е најголемиот проблем на РМ.
ФОКУС Согласно неговиот популистички имиџ, ова ќе биде ,преведено, како негова одлучност да не потклекне на притисоците однадвор?
БУЧКОВСКИ Во изминатиот период, неговата конфронтацијата, пред се со Фуере, не се конфонираше до сега јавно со Рикер, или всушност неговата конфронтација со меѓународната заедница беше наменски користена за добивање подршка во домашната јавност. Дури и оној сериозен дипломатски инцидент што го направи Влатко Ѓорчев при посетата на парламентарената делегација и неговите напади на Фуере беа пресметани и беа за домашна употреба. Во вакви околности, мислам дека меѓународната заедница со овие предупредувања не го прави Груевски попретпазлив и порационален. Но, Груевски успеа да направи нешто што изгледаше невозможно – да обедини нешто што не се обединуваше, ако имаше нормално владеење на една десничарска влада!
ФОКУС Верувате ли дека Груевски сега ќе направи поголеми кадровски промени?
БУЧКОВСКИ Мислам дека Груевски стравува по последното искуство што го има со Ване Цветанов. Стравува од било каква реконструкција и промена на дел од моќните директори во управите или во институциите кои се под владина контрола. Се плаши некој да не прозбори за криминалот за кој се раскажува, а за кој во моментов нема конкретни докази. Потценувањето на значењето на еден директор на управата за перење на пари, го доведе во позиција неколку месеци да се говори за случајот за веќе фамозното шише со 750 илјади евра!
,ДИПЛОМАТСКАТА ОКТА, ТЕЖИ НЕКОЛКУ МИЛИОНИ ЕВРА
ФОКУС СДСМ постојано говори за пералните на пари на владата на Груевски. Дали имате некаков список на предмети што ќе ги ефектуирате кога ќе дојдете на власт? Нешто слично како што, според Јанко Бачев, имала и ВМРО -ДПМНЕ во 2006-та. Ова го споменувам во контекст на изјавите на Лидија Неделкова од кривичниот суд, дека се правеле списоци за отстрел на судии. Но, кога не реагираат институциите за одредени случаи врзани за лица од или блиски на власта, тогаш логично е дека ваквите ,гафови, треба да се регистрираат.
БУЧКОВСКИ Информациите кои ги користевме за интерпелација на најмалку три мининстри, сметаме дека се доволен материјал за било кој обвинител во било која нормална демократска држава да има серизни истраги, кои, според наша проценка, да го користам речникот на Шврговски, говорат за висок степен на сомнение дека е сторено кривично дело. Тука пред се зборувам за состојбите во министерствата за Транспорт, за Правда и за Култура. Ние ги направивме достапни информациите кои ги имаме и до кои дојдовме најмногу врз основа на извештаите на Државниот завод за ревизија. Да се погледнат извештаите за 2007-2008 година за Министерството за транспорт, истите години за Правда и конкретно она што го зборуваме сега за случајот ,Метла, или она што се прави во Министерството за култура за прикривање на дел од доказите кои упатуваат на сериозни криминални дејанија во Скопје 2014. Сите заедно, говорат за три крупни случаи на организиран криминал кои го одбележаа владеењето на оваа влада. Четвртиот скандал што сакавме сега повторно да го отвориме, но заради нашиот бојкот ќе остане на оние наши првични сомневања, е криминалот правен со купопродажбата на амбасадите во периодот 2007-2008 година, дел од една голема операција која што ние тогаш ја нарековме, дипломатска Окта, каде што според наша проценка се проневерени неколку милиони евра!
ФОКУС Дали е тоа во надлежност на Антонио Милошоски?
БУЧКОВСКИ Антонио Милошоски, врз основа на она што го даваше како првична изјава кога ние ја обелоденивме таа афера, изгледаше збунет. Јас не знам дали би можело да се прават такви сериозни операции со купопродажби со фиктивни реновирања без тој да знае. Но, и да не знаел, во конкретниов случај тој е одговорното лице во Министерството за надворешни работи кој при евентуално отварање на случај, може да ги упати надлежните во кој правец да оди истрагата.
ФОКУС Вие лично излеговте со доста информации за тендер од ресорот на миниситерката Камчевска. Такви податоци, доколку се точни, не е можно да ги имате без некој инсајдер во целата постапка?
БУЧКОВСКИ Искуството покажа во минатата година дека дел од судирот што се случува внатре во ВМРО ДПМНЕ, ја стави во многу покомотна позиција СДСМ да користи дел од инсајдерските информации, пред се, тука мислам да состојбите во Министерството за култура. Или состојбите во образованието, каде што беше очигледно дека постои судир меѓу едно вмровско крило контра министерот Тодоров, почнувајќи од учебникарството, па завршувајќи со овој судир меѓу ректорот Велимир Стојковски, кој беше нивни пулен, за измените во законот за високо образование, што кулминираше сега со протестот на професорите. Сето тоа говори дека состојбите во ВМРО-ДПМНЕ не се онакви како што се обидуваше некој да ги прикаже во јавноста. Онаа челична дисциплина, она постојано дишење во врат на оние нивни црни тројки кои гледаме дека функционираат, ги доведе некои поединци во позиција срамежливо да се обидуваат да ја искористат опозицијата за нивните внатрепартиски пресметки. Инаку, конкретно, приказната околу познатиот виолинист Ино Мирковиќ кој што бил претставник на една италијанска фирма која што била заинтересирана за ентериерот на стариот театар што се обновува, е приказна која што не ја доби разрешницата заради објективна проценка од наша страна дека ни се неопходни дополнителни информации кои ќе ја дозаокружат целата приказна што јас ја отворив, а потоа ја продолживме на неколку наврати со пратенички прашања околу проектот Скопје 2014!
ОДЛУКАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОШТЕТНА И ОД ,ПАЈАЖИНАТА,
ФОКУС Случајот А1 и одлуката на истажниот судија да ја блокира сметката на телевизијата беше последниот настан, после кој СДСМ ја донесе одлуката за бојкот на Парламентот. Што прогнозирате, како ќе се одвива овој медиумско-судски случај?
БУЧКОВСКИ Мене најпрвин ме зачуди леснотија со која излезе јавниот обвинител, со коментар дека тој не е социјална установа и дека тој ги штити државните интереси. Ние и теоретски на факултетот ги учиме студентите, тоа го знае и Шврговски, дека јавниот обвинител како институција тргнува во постапка почитувајќи ги основните начела на јавно обвинителско работење, а меѓу нив е и начелото на опортунитет. Кога ќе посегнеш по некоја мерка, како што е во конкретниов случај, да побараш привремена блокада на сметките на компаниите врз основа на кои излегуваат три печатени медиуми и емитува програма најгледатата телевизија А1, ти мораш да пресметаш: Дали во дадениот момент, штетата која ќе ја нанесеш на државата е поголема со загрозување на уставното начело на слобода на говорот или слобода на медиумите, или се по битни фиктивните 14 милиони евра за кои се сомневаш дека имало затајување на данок, односно, во конкретниот случај 4 милиони евра? Се отвара овде и правната дилема: Дали на овај начин не се загрозува и уставното начело за слобода на претприемаштвото?
ФОКУС Но, А1 нема толкави пари на сметката…
БУЧКОВСКИ Мислам дека сега се откри вистинската намера на власта, сомневањето за сценарио да се затвори А1. Од 25-ти номеври, заклучно со сето ова што се случуваше, станува јасно дека не беше целта да се пронајдат докази за евентуалниот криминал на компаниите со седиште на Перо Наков, туку беше тенденцијата да се затвори А1 и други три печатени медиуми. Станува кристално јасно, затоа што судската практика ќе покаже дека оваа мерка е дозволена, но, во конкретниот случај е контрапродуктивна и ни нанесе поголема штета од 4 милиони евра. Двата столба на демократијата, а тоа е назависното судство и слободата на говорот, со еден потез на јавниот обвинител се доведени во прашање!
ФОКУС Секоја промена на власта по правило носеше и предвремена смена на јавниот обвинител. Стеван Павлавски, Ставре Џиков и Александар Прчевски беа разрешени за новата власт да си постави свој човек на оваа позиција. Дали истата судбина ќе го снајде и Шврговски кога СДСМ ќе дојде на власт?
БУЧКОВСКИ Системот кој продуцира вакви состојби, очигледно е дека има вродена мана. Со сериозните промени кои ги правиме во легислативата, очигледно е дека не придонесовме да се промени свеста. Системот го сочинуваат поединци. Јас сум разочаран како реагира во овој случај обвинителството во исклучително сензитивен период, каде што самите не покажаа доволен капацитет да ги заштитат своите интереси. Жалам што се покажа дека и судството и обвинителството беа сомелени во машина за мелење на месо што ја држи министерот Маневски. Секому веќе му е јасно дека и покрај низата закони кои се донесени во изминативе 5 години, состојбата кулминира во негативен правец!
НЕОПХОДЕН Е ГЕНЕРАЛЕН РЕИЗБОР НА СУДИИТЕ
ФОКУС Сепак, не се проблем законите, туку страста на секоја владеачка гарнитура да ги контролира сите сегменти од животот.
БУЧКОВСКИ Јас не можам да се амнестирам себеси за оние 18 месеци кога бев претседател на владата. Но, навистина е неодговорно од Груевски да одговара на вакви критики со податокот дека СДСМ со уставните измени во 2005 година овозможил министерот Маневски да има ваква позиција. За волја на вистината, ВМРО-ДПМНЕ како и делот од експерската јавност, имаа резерва на решението. Дилемата беше, дали Македонија има капацитет да одолее на можноста која ќе ја има извршната власт, преку членувањето на министерот за правда во судскиот совет, да влијае на работата на судскиот совет. Се покажа дека во случајот на Маневски, РМ во овој момент нема доволно изградено пред се критична свест кај поедницот, да не ја злоупотребува позицијата.
ФОКУС Но, еве, дури и министерот да не е член на советот на обвинители и на судскиот совет, зарем мислите дека нема други ,креативни, методи за да влијае? Самите велите дека министерот влијае и на судски одлуки?
БУЧКОВСКИ Гледајќи го особено менталниот склоп на поедниците, и тоа е можно. Но, од друга страна, врз основа на кажувањата на членовите од судскиот совет, кои не сакаат јавно да говорат, се соочувам со еден поразителен факт, а тоа е дека тие луѓе немаат доволно храброст да се заштитат себеси, да ја заштита професијата, со тоа што јавно не говорат за притисоците.
ФОКУС Ако немаат храброст јавно да проговорат, тогаш воопшто не им е местото таму!
БУЧКОВСКИ Затоа мислам дека Македонија со промената на власта ќе биде исправена пред две крупни реформи. Ваквата состојба во судството треба радикално да се промени. Радикална промена според мене е генерален реизбор на судиите. Ние сега треба да ги видиме сите предности и маани на една таква опција која во овој период се спроведува во Србија со подршка на Европската унија. Но, со постојано покажување на прст од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека во 1996 година биле избрани 600 судии, се оправдува изгледа фактот дека во изминативе 5 години има демонтажа на судството и се избрани 300 партиски послушници. А, очигледно е дека само неколкумина од нив би го поминале тестот, ако денеска се применува новиот закон за избор на судиите чија примена се одложи за 2012 година. Добар дел од нив ниту имааат висок просек, ниту познавање на странски јазик, ниту пак во средината има таков морален кредибилитет и интегритет да бидат судии. Оттаму и дилемата за потребата од генерален реизбор на судиите. И втората дилема, дека Македонија нема да може да издржи со ваква партизирана администрација. Утре да дојде до промена на власта, тоа ќе биде и поголем проблем од тоа да се најде решение за спорот со Грција!
ЛЕГИТИМНО Е ДА БЕЛЕЖИМЕ КОЈ КАКО СУДИ
ФОКУС Во Македонија мерката притвор веќе подолго време е најчесто користената мерка во истрагите за злоупотреби и финансиски криминал. Еве, не можам да разберам, што ќе беше толку страшно доколку жена во рана бременост, од случајот Пајажина, беше во куќен притвор?!
БУЧКОВСКИ Маневски не може да го прави сево ова ако нема налог од Груевски. Се докажа со голема доза на веројатност дека судијата Виолета Дума е разрешена не заради децениската нетрпеливост на Филимена Маневска и Виолета Дума, туку заради тоа што не прифати да биде послушник и не го прифати диктатот на Маневски, да ја потврди казната за мене во случајот ,Тенковски делови,. Од друга страна, според некои информации што ги добив од судскиот совет, разрешувањето на Дума и Џилвиџиев било врз основа на гласање кое не било 10:4, колку што било потребни гласови за разрешвање, туку било 8:6 и веднаш било наредено да се избрише листингот од гласањето, за да не биде доведен самиот Грчев, но и Маневски, во ситуација да се соочат со фактот дека има близу половина непослушни членови на судскиот совет!
ФОКУС Сакате да кажете дека е сторена злоупотреба?
БУЧКОВСКИ Се сомневам дека е сторен таков криминал, а поразително е што посредно, во своето интервју на заминување, Грчев потврди дека е избришан листингот од гласањето во конкретниот случај. Да не дојдеше до оваа политичка криза, по конгресот на ВМРО се очекуваше реконструкција на владата, каде што од врмовските кругови веќе почнаа да се пуштаат информациите дека Маневски ќе биде реконтруиран. Во такви околности, тој се обидуваше целосно да го исчисти теренот. Така дојде и до онаа смена на Митриновски од чело на прв човек на судот. Човекот кој прв собра храброст, јавно пред камерите да проговори за притисокот од двојката Маневски, потоа под неразјаснети околности ретерираше. Можеме ние да сочувствуваме со тоа дека оваа власт нема скрупули и дека најверојатно посегнала по закани на неговите деца, како што се шири по судските круговите, но, тоа не е оправдување да не се остане доследен и да се одбрани професијата судија во вакви околности. После сето ова, легитимно е опозицијата грижливо да води евиденција, кој како суди и кој се става во улога на марионета на оваа власт. Така што ќе биде легитимно и ова што го отварате како прашање: Дали може било кој суд да ризикува и да ја изрече мерката притвор за жена која е во рана бременост?
ФОКУС И во ваше време се апсеше со специјалци и притворот беше казна, а не мерка. Разликата е само во тоа што не ги гледавме сцените на апсење. Сепак, како куриозитет од ова време го сметам случајот со кривичната истрага против Зоран Заев. Најпрвин истражниот судија ги пушти осомничените да се бранат од слобода, а потоа, после неколку дена, одлуката беше преиначена, иако никој не избега во меѓувреме!?
БУЧКОВСКИ Најпрвин кај Заев е направен опасен преседан, што е сериозна злоупотреба на законот за кривична постапка и сериозна злоупотреба воопшто на законот за судовите. Очигледно е дека Маневски му вршеше притисок на истражниот судија Реџепагиќ да биде изречена мерката привор. Се прераскажува, стана како мит и легенда неговото лупање на телефонот и одбивањето да прима наредби. Но, повторно се бараше од истражниот судија, врз основа на жалба на обвинителството, да ја преиспита одлуката. И кога тој не го направи тоа, тогаш кривичниот советот го одреди притворот, со што беше направен опасен преседан. Веќе се говори дека на тој начин судијката Лидија Неделкова си обезбеди мандат на претседател на судот. Иако останаа дилеми околу аболицијата на Заев, јас сум убеден дека, ако не беше аболицијата, до ден-денешен тој ќе беше во притвор. Процесот немаше да заврши, затоа што таму имаше делови на финансиски криминал, дел на урбанизам со денационализација, тоа е една таква сериозна материја каде што треба да има серија на вештачење за да се докаже небулозното обвинение, па јас сум уверен дека Заев сеуште ќе беше во притвор!
БАРЕМ НЕ АПСЕВМЕ ПРЕД КАМЕРИ
ФОКУС Според Груевски, она што сега го гледаме било европски терк на апсења и приведувања. Дали СДСМ, кога ќе се врати на власт, за аферите на оваа гарнитура ќе апси по ваков ,европски терк,? Дали сега постои желба за одмазда кај вас? Кога тоа СДСМ го правеше од 2002-2006, ВМРО предупредуваше дека спиралата на злото се развива уште повеќе, па оваа власт стана уште поодмаздољубива. Дали ,живи луѓе ќе јадете, затоа што постои многу гнев кај луѓето од она што го доживеаја од оваа гарнитура?
БУЧКОВСКИ Тоа што го кажа Заев, ни нанесе штета кај неопределените гласачи и воопшто му наштети на имиџот што го има СДСМ. Но, од друга страна, во ситуација кога сите во Македонија не изеде Груевски, некој да стравува што ќе биде кога ќе биде! Одмаздата е мотив кој што веројатно е дел од природата на секој поединец. Јас сум еден од оние кои имаат веројатно најмногу мотивација за одмазда кон вмровците,пардон дпмнеовците, но тоа не смее да стане систем на владеење на СДСМ!
ФОКУС Ама веќе беше, оти се говори дека Хари Костов стана министер за внатрешни работи затоа што претходно Љубе Бошкоски го приведе на информативен разговор. Претпоставувам и човечки е, да постои гнев кај сите оние кои на некој начин беа под тортура на оваа власт. Но, тоа постојано не држи во еден маѓепсан круг!
БУЧКОВСКИ Сметам дека СДСМ ќе мора утре, кога ќе ја освои власта, да излезе од тој маѓепсан круг. Не смее траумата која што ја доживуваат илјадници и илјадници семејства да ни стане секојдневие. Секој оној кој се огрешил по закон, почитувајќи ја презумпцијата на невиност, треба да го стигне заслужената казна. Нема потреба од спектакуларни апсења. СДСМ, бидете убедени, тука ќе биде подоследен и ќе ги почитува европските стандарди. И сега можеше луѓето да не бидат понижувани и однапред осудувани. И сега има доволно услови во кривичниот суд во Скопје, онака како што на излегување се паркираат комбињата, така да бидат паркирани и на доаѓање. Низ подрумот да бидат спроведувани сите оние кои се осомничени, а не на овој начин спектакуларно да се чекаат камерите, да претходат секој пат смс-пораки од помошник министерот Иво Котевски. Тоа според мене во изминатиот период беше најгрубата злоупотреба во делот кога говориме за приведувањето, а најнечовечки е она што му се случи на екс-заменикот министер за економија Сашо Андоновски, кој кога се врати во Македонија и кога беше во аеродромската зграда, за потребите на кампањата со доаѓањето на камерите беше изведен повторно на пистата, за да се сними чинот на апсење со специјалци од по два метра вооружани до заби, а приведуваа голорак човек од ,метро и половина,!
ФОКУС Заборавате дека и во ваше време, не бевте премиер тогаш, но бевте дел од владата, Бесник Фетаи беше апсен слично и спроведен од стотици специјалци од Аеродромот до Шутка. Слична судбина имаше и докторката Шуклева, ама тогаш сите од СДСМ молчевте?!
БУЧКОВСКИ Самите споменавте дека тоа не беше правено пред камерите, но јас не барам изговор за дел од пропустите кои ги има правено и СДСМ. Впрочем, и затоа дојде до промена на власта.
СДСМ Е СООДГОВОРЕН, ЗАТОА ШТО ГО БРАНЕШЕ КАНАЛ 5!
ФОКУС Црвенковски му порача сега на Груевски – ,Еве ви ги Сител и Канал 5,. Но, СДСМ на некој начин ги воспостави ваквите релации со медиумските газди, иако можеби не до вакви граници. И вие имавте владини кампањи, иако далеку помалку, но и тогаш рекламите одеа кај оние медиуми што ви беа блиски!
БУЧКОВСКИ Во ова зло што се случува во медиумите околу А1, Коха, Шпиц и Време, ако нешто на крајот ќе биде добро и полезно, е што мислам дека ова е почеток на крајот на јавашлукот и корупцијата присутна во медиумите во РМ. По оваа епизода, мислам дека ништо нема да биде како порано. Второ, СДСМ може да биде соодговорен за состојбите во медиумите до 2006 година и начинот на кој го бранеше Канал 5 од владата на Љубчо Георгиевски, кога имаше најави дека ќе биде срушена зградата на телевизијата, па се до станувањето на наш коалиционен партнер!
ФОКУС Како стана Ваш партнер? Дали договаравте за возврат телевизијата да ја подржува вашата Влада. Зошто инаку би Ви бил битен претседател на една минијатурна партија?
БУЧКОВСКИ Ако мене ми беше битен Стојменов во 2006 година, немаше тој после да демонстрира незадоволство што беше на 8-то место во втората изборна единица. Јас вреднував дека толку е силата и моќта на ВМРО Македонска, не гледав колкава е моќта на Канал 5. Очигледно, во коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ ја ценеле повеќе телевизијата. И Сител успеа со Груевски, условно речено, на листите на Груевски да вреди три мандати!
ФОКУС Добро Бучковски, но Канал 5 направи генерален новинарски кадровски ремонт откако ви стана коалициски партнер, а истото се случи и кога се здружи со Груевски. Не бевте ни Вие толку невини во обидите да ги имате релевантните медиуми на Ваша страна?
БУЧКОВСКИ Најверојатно, сето ова што денеска се случува со Канал 5, ги открива вистинските мотиви на сопствениците. Тие ја направија телевизијата за да бидат секогаш со власта. Но, мислам дека после сето ова што се случи, што е добро, тие принципиелни и непринципилени бракови од интерес, меѓу сопствениците на медиумите и власта веќе ќе бидат минато. Сега гледам на сериозен удар на вашето здружение е и нашиот председател Црвенковски заради споменувањето на Сител и на Канал 5. И МРТВ го испровоцира повторно ЗНМ да реагира, дека СДСМ на тој начин врши притисок на дел од медиумите, што мислам дека само говори за лицемерието кое владее во делот на медиумите воопшто во РМ. Жалам што не може тука да се амнестира и СДСМ. Но, од целава оваа работа, најмногу ми пречи судирот на еден силен електронски медиум како што е А1,Шпиц, Време и Коха е ре, со изданијата на МПМ. Тоа е идеална ситуација за власта, а мислам дека тоа власта многу вешто го стимулираше – Новинарите меѓу себе да си ги извадат очите, какви што ситуации претходно гледавме и во други сегменти!
НАЈГОЛЕМИОТ КРИМИНАЛ ЛЕЖИ ВО ВЛАДИНИТЕ КАМПАЊИ
ФОКУС Дали, кога ќе дојдете на власт, ќе го отворите скандалозното владино рекламирање? Ние никогаш не дознавме точно, колку милиони евра се потрошени во овие проекти и по кој критериум се одлеани милиони евра во одредени медиум, освен ако блискоста со власта е клучот на загатката? Тоа најдобро се гледа токму преку А1 ,некогаш и сега,!
БУЧКОВСКИ Ако правиме паралела на начинот на кој се распаѓа пирамидата на владеење во ХДЗ, се гледа дека главниот удар е токму Финимедија и сето она што го имаат тие правено како кампања во изминатите 6-7 години. Мислам дека најголемиот криминал на владата на Груевски е токму во овој дел со милионите и милиони евра кои на годишно ниво се користат како кампањи, што не е само класична корупција, туку и како класично перење на пари. Апсолутно се гледа дека не може продукцијата на дел од овие ступидни кампањи да чини 500 илјади евра. Да не беше судирот меѓу Рамковски и Груевски, ние не ќе знаевме колку должи ВМРО-ДПМНЕ само за последните две кампањи. Тука има сериозен криминал кој веројатно и на врапчињата веќе им е јасен, но не и на оние кои се должни тоа да го истражат!?
ФОКУС Зарем за се е виновен само Груевски?
БУЧКОВСКИ Главниот виновник за ваквите лоши состојби е Груевски и оние кои постојано се околу него. Се искристализира таа ударна петорка која и најмногу е на удар на опозицијата. Очигледно, тој владее со несебична подршка на дел од луѓето кои ги има задолжено како негови блиски соработници кога беше министер за финансии. Не е случајно нивното унапредување, тоа е неговиот стар кабинет од финансии, каде што се гледа дека клучните луѓе се сега на клучни позиции, во ресори што ние претпоставуваме дека се пералниците за пари. Тоа се фамозните Зоран Ставревски, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски, плус консилјерето што велам дека ги покрива нивните криминали уште од тоа време – Маневски. Камчевска, мислам дека е само една од многуте кои се во вториот концентричен круг, кои треба да одработат за оваа ударна петорка која ги прави сите овие злоупотреби во изминатите 5 години!
ФОКУС Ние ја правевме паралелата со ХДЗ. Ако за Иво Санадер се докажат обвинувањата, од една опозициона партија веќе покренаа кривична пријава за одговорноста на ХДЗ како правно лице!
БУЧКОВСКИ Имавте една анализа пред неколку броја и можеби ги инспириравте нешто слично да направи МВР со шемата за Пајажина. Но, во секој случај, ХДЗ никогаш немаше блокирано партиска сметка, како што имала ВМРО-ДПМНЕ!
ФОКУС Зошто секогаш СДСМ го толерираше тоа? Лично верувам дека тоа е затоа што и СДСМ не е чиста на тој план?
БУЧКОВСКИ Има доста забелешки за финансирањето на политичките партии. Тој дел реално во изминатиот период ги правеше двете најмоќни партии да бидат на иста бранова должина и да бидат солидарни. Очигледно, тоа време помина, а имајќи предвид дека до сега никогаш немало таков дисбаланс во финансирањето на изборните кампањи, ВМРО-ДПМНЕ да потроши 10 пати повеќе од сите други партии, ја наметнува потребата од нова законска регулатива!