Штипскиот бизнисмен, Зоранчо Митровски ја призна вината во случајот „Империја“, берзанскиот брокер Јованче Тасковски се двоуми да признае вина, третообвинетиот бизнисменот Цветан Панделски, еден од доминантните акционери на ЗИК „Пелагонија“ не го разбира обвинението.
Митровски ја призна вината, по што Кривичниот суд одлучи за него постапката да се раздвои.
Панделески, од друга страна, пред судот рече дека не може да го разбере обвинението.
– Јас ова обвинение не можам да го разберам, не се чувствувам виновен, рече тој.
Панделески одговори дека не се чувствува виновен за ниту едно од делата што му се ставаат на товар.
Брокерот Јованчо Тасковски, преку неговиот адвокат, побара прекин на постапката од краток временски период, поради увид во штетата.
– Се двоуми и да признае вина, и да не признае, поради тоа што се работи за специфичен кривично-правен настан, за кој се работи од 2014 година, односно, со тогашното СЈО 2018 година, при што на мојот клиент му пренесов дека има и трошоци на постапка, а кој не е способен финансиски истото тоа да го покрие. На господинот Тасковски му е неопходен краток временски период, тоа да го консултира и со своите членови на семејството. Затоа бараме од судот да ни овозможи дополнително да се произнесеме, рече адвокатот Мерџан Даути.
Судот го прифати ова барање и одлучи постапката да продолжи на 22 март.
Претходно, во своите воведни зборови, обвинителката Лиле Стефанова кажа дека ќе го убеди судот за сторените кривични дела на обвинетите.
– Судот ќе го убедиме на кој обвинетите Цветан Панделески и Зоранчо Митровски ги пренесувале средствата, на кои сметки отишле и како го сториле кривичното дело користејќи ја својата службена положба и овластување, рече обвинителката Лиле Стефанова.
Таа рече дека останува на предлозите од обвинителниот акт во врска со имотната корист како и сите други предлози дадени во доказите.
Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.
Прво и второобвинетиот се гонат за „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“, а на првообвинетиот на товар му се става и кривичното дело „измама“ за кое се товари и третообвинетиот.
Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.
Обвинителката Стефанова најави дека прво ќе ги изведува материјалните докази, вештачењата, ќе сведочат вештаци, а потоа ќе бидат повикани и сведоците на обвинителството. Неофицијално, меѓу сведоците е и поранешниот обвинет во овој случај кој призна вина и се спогоди со обвинителството, Орце Камчев и уште еден обвинет во овој предмет кој исто призна вина Ненад Јосифовиќ.
Камчев доби една година затвор која ја издржува во затворот во Струга, каде е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој исто така призна вина и се спогоди.
Во судница дојде и оштетениата Кираца Трајковска која беше акционерка во „Фершпед“ која Мијалков и Камчев ја измамиле и ја натерале да ги продаде акциите, од кои за неколку дена заработиле околу три милиони евра.
Освен Кираца, оштетена е и „Бетон Штип“, за којашто првично се тврдеше дека Камчев ја купува за да испумпува пари од неа. Оштетени се дел од акционерите.
Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година. Осомничени освен Камчев и Мијалков беа уште 11 лица, односно Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле буџетот за речиси 6.3 милиони евра.
Од првично 19 осомничени од овој случај, на обвинителна клупа седнаа само тројца, а единствено Панделески не признава вина.