Росана Сариќ – Тодоровска вчера ја прекина децениската пауза од настапи и заблеска на сцената на втората полуфинална вечер на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест”.
Таа настапи со песната ,,Спомени” која е дело на Александар Митевски, и ја врати публиката назад во далечните времиња, кога заедно со нејзината сестра Маријана царуваа на сцената на ,,Макфест”, каде освоија голем број на награди и признанија.
Романтичниот шлагер за кој Росана вели дека е нејзина автобиографија, во која се опеани сите нејзини животни премрежја, еден вид на балада за победата на љубовта над тагата и гордоста над неправдите, публиката во салата во НУЦК ,,Ацо Шопов” во Штип го доживеа како враќање назад, во периодот кога се пееја квалитетни песни и кога скромноста на изведувачите беше на цена. Долготрајниот аплауз покажа дека јавноста е желна за нумери со душа во нив, изведени од срце.
За ,,Фокус” Росана раскажува дека средбата со публиката по долги години пауза ја доживеала доста емотивно. Комплиментите кои не престанале да пристигаат од вчера, откако застана на сцената, и дошле како мелем на душата и и покажале дека го направила вистинскиот избор кога прифатила да се врати назад, на естрадата.
-Бев возбудена, имав и малку трема кога стапнав на сцената. Но, штом заблеска светлото, ми помина се, остана само концентрацијата. Благодарна сум му на композиторот Александар Митевски за преубавата песна, за одличниот текст во кој веднаш се пронајдов.
Благодарност и до стилистот Дарко кој ме направи едно десет години помлада. ,,Макфест” е мојата носталгија, убавото време кое што го поминавме тука, безброј хитови и евергрини кои ги оставивме како дует Маријана и Росана, заедно со мојата сестра. Сите тие спомени, слики од тие минати времиња ми минуваа низ мислите додека настапував – ни изјави Тодоровска.
Таа се пласираше во финалето на фестивалот, кое ќе се одржи вечерва. На 34-то издание на фестивалот, во финалето ќе настапат 20 изведувачи, за кои се предвидени вредни парични награди.
За прво место наградата е 5.000 евра, 3.000 евра за второ место и 1.000 евра за трето. Предвидени се и награди од по 500 евра во повеќе категории, како најдобар дебитант, сценски настап, вокална интерпретација и најдобар аранжман.
Фестивалот финансиски го реализира Општина Штип, а од Министерството за култура е поддржан со милион денари. Уметнички директор е Владимир Дојчиновски – Дојчин.
Вики Клинчарова