Од подрачјето на Израел само еден македонски државјанин побарал итна евакуација, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи. Со издаден патен лист тој веќе патува кон дома.
Македонското МНР смирува дека засега состојбата е стабилна, па во Тел Авив остануваат и семејствата на дипломатите во македонската амбасада. Групата на студенти од Јордан кои барале насоки како да ја напуштат државата,засега не бараат евакуација. Но до кризниот штаб во МНР македонска компанија пријавила дека во Израел се наоѓаат работници, кои во случај на нов напад, ќе бараат нивна евакуација.
МНР е подготвено да одговори доколку пристигнат барања за повлекување и од Иран. Според Османи засега оттаму ниту еден македонски државјанин не побарал да се врати дома.
Македонските институции ценат дека со нападите на Блискиот Исток не е исклучен нов бегалски бран. Сепак тоа не значи и загрозување на македонската безбедност. Остануваат достапни броевите за помош во македонската амбасада во Тел Авив, но и СОС телефони во министерството. Во Израел моментално се наоѓаат околу 50-тина македонски државјани.