Саливан: Русија сака да го поткопа Договор од Преспа како што се мешаше и во изборите во САД

by fokus

САД стои со Македонија, тука сум за да изразам целосна поддршка во име на САД за спроведување на Договорот од Преспа, изјави заменик-државниот секретар на САД, Џон Саливан по средбата со премиерот, Зоран Заев, во Владата.

Саливан е највисок функционер на Стејт департментот кој од 2001 година доаѓа во официјална посета на Македонија. На прес конференцијата тој изрази пофалби за лидерството на премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни, Никола Димитров, како и за пратениците кои гласаа за отворање на уставните измени.

-Ја сметаме Македонија за лидер во регионот поради нејзините заложби за мир и соработка. Имам да изразам пофалби за премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров како и за храброто лидерство на оние пратеници во Собранието кои во октомври го презедоа потребниот чекор за да обезбедат посветла иднина за Македонија. Вашите гласови ја ставија вашата земја на патот кон побезбедна и просперитетна иднина. Поттикнуваме повеќе пратеници да ги стават настрана партиските интереси и да останат фоксусирани на заедничката стратегија. Нема алатернатива, надежите ви се на дофат – рече Саливан.

Одговарајќи на новинарско прашање за руското влијание во регионот, заменик-државниот секретар на САД, рече дека Русија сака да го поткопа Договорот меѓу Македонија и Грција и дека ќе направи се што е во нејзина моќ да го попречи членството во НАТО.

-Горд сум што стојам тука во име на САД да дадам поддршка за она што Владата и граѓаните на Република Македонија го сакаат, а тоа е влез во ЕУ и НАТО. Не сме тука да потпалуваме нешто, туку да ги поддржиме легитимните одлуки на храброто лидерство на премиерите на двете земји. Не е тајна дека Русија се спротивставува на преспанската спогодба и никој нема сомнеж дека ќе направи се што може во сопствен интерес наспроти интересот на Македонија, за да го поткопа процесот на спроведување на преспанската спогодба. САД стои со Македонија, и не не изненадува руското влијание на патот што Македонија го избрала. Тоа сме го виделе во други земји во ЕУ, па и нивното вмешување во изборите во САД во 2016 година. САД има намера да им помогне на други влади во разоткривањето на сите активности што Русија ги презема за да ги поткопа легитимните и демократските процеси во државите – посочи тој.

 

Поврзани новости