Сали за „Фокус“: Засега нема да менувам директори

by Fokus

Засега не планирам да менувам никој од директорите на јавните здравствени установи, истакна во изјава за „Фокус“, новиот министер за здравство Беким Сали, кој пред две недели седна на министерското столче.

„Во овој период немам намера да менувам ниту еден од директорите на болниците. Но, со тек на време ќе видам,  во зависност од тоа како ќе продолжат да работат. Мојата намера не е да се менува никој. Сепак, не станува збор за нова влада, туку само за нов министер. Се тоа ќе видиме како ќе се одвива понатаму“, вели Сали за „Фокус“.

Тој додава дека има право да смени само еден директор на клиника во согласност со постигнатиот договор, но се уште не донел никаква одлука за тоа.

Според досегашната пракса, повеќето први луѓе во секторот здравство како што ќе седнеа на министерските столчиња, така ги менуваа и директорите на болниците. Тоа не зависеше само ако се работи за нова влада, туку и ако е нов министер од истата влада.

Само од 2017 година наваму, откако „сдсмовците“ ја преземаа власта се сменија и неколку министри во зависност од коалициските договори, па кој како ќе седнеше на министерското столче така и менуваше дел од директорите. Ретки се тие кои останаа од самиот почеток на владеењето на СДСМ.

Во моментот се очекува да биде поставен и нов директор на скопската Клиника за неврохирургија, откако досегашниот прв човек Владимир Рендевски доби функција и стана заменик министер во секторот здравство.

Со тоа остана празно директорското место на клиниката. На истата клиника работи и екс министерот Венко Филипче, кој по заминувањето од функцијата се врати на својата лекарска професија.

Сали тврди дека се уште не знае кој ќе назначи за нов директор на Неврохирургија.

„Се уште немаме име. Ќе видиме“, истакна тој за „Фокус“.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости