Функцијата министер за здравство не ми е утешна награда за изгубените избори во Чаир, изјави Беким Сали во гостување во емисијата „360 степени“, кој на локалните избори беше кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир од Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, но изгуби од Висар Ганиу од ДУИ.
-Не е утешна награда туку доверба која ми е дадена од страна и на партијата Алтернатива и на премиерот Ковачевски. Сите знаеме дека сме во период на голема битка со пандемијата, која веќе две години е присутна и да го преземеш Министерството за здравство значи дека си ентузијаст и имаш капацитет да се соочиш со ваков предизвик. Оваа доверба ми ја дадоа и премиерот, но и лидерот на партијата – рече Сали.
-Се разбира, ние бевме децидни до моментот кога беше критичниот ден на гласање, бевме верни кон дадениот збор како коалиција дека треба да има промена во раководството на идната Влада, но после сета таа голгота што се случи во Собранието, утредента имаше нова ситуација каде требаше да се мисли само за иднината на државата, без разлика дали Алтернатива е на власт или опозиција, имавме покана за да ја стабилизираме Владата и да и дадеме дополнителна шанса на Владата која ќе се реформираше, рече Сали.