Сакеларопулу: Нашата заедничка иднина е во европското семејство

by fokus

Грција и Северна Македонија, како земји со заедничка граница, имаме уште поголема одговорност кон нашите народи да работиме заедно и да ги зајакнеме нашите билатерални односи со почитување на принципот на добрососедство и на меѓународното право, во корист и на нашите земји и на поширокиот регион, истакна претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу во нејзината здравица за време на вечерата во чест на претседателот Стево Пендаровски.

Сакеларопулу уште еднаш се осврна на важноста на првата официјална посета на претседател на државава на Грција, потенцирајќи дека „веќе е отворено едно важно поглавје во нашите билатерални односи, што им дава нов импулс“.

Таа додаде дека тие веруваат во заемно корисен однос помеѓу двете земји, како соседи, како земји членки на НАТО, како и во рамките на Европската Унија, а ја спомена и ЕУ интеграцијата на регионот како стратешка цел за Грција уште од  2003 година и конференцијата во Солун, „која за прв пат ја препозна нивната европска перспектива и која се уште претставува пресвртница и референтна точка“.

– Грција силно го поддржува пристапниот процес на Северна Македонија кон Европската Унија според поставената условеност. Ова е потврдено и со нејзиниот јасен став околу започување што е можно поскоро на пристапните преговори со Вашата земја, и со нејзината практична поддршка, со пренесување на знаење за спроведување на реформите и примена на европската легислатива, додаде претседателката на Грција, посочувајќи дека заедничка цел е да се изгради и обезбеди иднината на регионот, а „нашата заедничка иднина е во европското семејство“.

Поврзани новости