Психологијата денес го дефинира насилството како препознатлив образец на нанесување штета и понижување на другите, особено на оние кои на некој начин се помали, послаби, помлади или на кој било начин поранливи од насилникот
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
Голема прашина се дигна околу случајот со палењето на бугарскиот културен центар во Битола. Се слушнаа различни ставови и мислења, многу причини за и против таквиот чин на пејачот, адвокатите се расфрлаа со квалификации и незнаење, народот со револт и незадоволство кон власта, пејачот, Бугарите, политичката, економска и социјална состојба во државата и со уште многу нешта, кои немаат никаква врска со настанот.
Но, она што најмногу поттикнува на размислување е реториката на насилство и говор на омраза на двете страни. Едни го оправдуваа чинот, и покрај тоа што е кривично дело и што ни нанесува штета во меѓународните односи, давајќи им алиби на Бугарите, дури заговараа и поголеми дејствија на насилство, други како и секогаш бараат линч за Бугарите, третите за Ламбе, четвртите за МВР, петтите за обвинителството…
„ФЕЈСБУК-МУДРЕЦИ“ И „ВОИНИ“
Како и многупати до сега, „фејсбук-мудреците“ и „воините“ делеа совети, навиваа, оправдуваа или негодуваа со задолжителна доза на дневна омраза кон некого или нешто. Тие како и секогаш ги мразеа и ги навредуваа сите оние што имаат свој став што е умерен и базиран на факти, за секое понудено решение тие имаа проблем, за секој одговор имаа прашање, а единственото решение што го нудат е насилие од најразличен тип и карактер.
Насилството е општествен проблем, кој е сѐ поприсутен во нашето живеење и за кој не се зборува доволно, ниту се преземаат соодветни мерки на превенција и санкционирање. Насилството како појава и феномен не се истражува доволно кај нас, дури не постои ни свест за препознавање на многуте форми на насилство, ниту нивно дефинирање.
Насилството како појава, кај нас, е сместено и дефинирано во едни тесни рамки, без опфаќање на сите негови форми, а за да се совлада и намали како појава, пред сѐ, треба да постои разбирање на насилството како феномен, неговите корени, причини и форми треба да се дефинираат.
Не е доволно свеста за насилството и препознавањето на неговите форми да почнува и да завршува со физичкото насилство, психичкото насилство и булингот.
Психологијата денес го дефинира насилството како препознатлив образец на нанесување штета и понижување на другите, особено на оние кои на некој начин се помали, послаби, помлади или на кој било начин поранливи од насилникот.
НЕ СЕ НАСЛЕДУВА, ТУКУ СЕ УЧИ
Насилството се смета за однесување, кое не се наследува, туку се учи. Ретки се ситуациите во кои социопатите и психопатите ги малтретираат луѓето заради забава, туку во девет од десет случаи на насилство се смета дека насилниците овој образец на однесување го виделе, осознале и научиле во поранешната фаза од својот живот, а отсуствувала соодветна реакција на нивните родители, старатели или воспитувачи. Голем дел од насилниците се асоцијални типови, бесчувствителни и имуни на туѓи чувства, со ниска самодоверба, но тоа не е правило што ги опфаќа сите структури на личности и профили на насилници.
Насилството е отровно однесување, кое може да им наштети, па и да ги уништи жртвите.
Едно од најголемите нерешени прашања во врска со современото насилство е фактот што при самиот чин на насилство има многу набљудувачи, кои решаваат да не преземат ништо. Би требало да знаат набљудувачите дека, според американската државна статистика, секое малтретирање на кое реагира лице набљудувач во повеќе од 50 отсто случаи завршува за 10 секунди, што на набљудувачите им дава моќ да ѝ помогнат на жртвата.
Не помалку е важен фактот дека секое занемарување, секое затворање очи пред која било форма на насилство, на извесен начин е негово одобрување. Не така одамна, бевме сведоци на настан кој заврши со смрт на ракометарот Тот од претепување, додека набљудувачите кои беа во непосредна близина не преземаа ништо и дозволија да биде одземен еден човечки живот.
Една од модерните и сѐ поприсутни форми на насилство е интернетското насилство, кое, според формите во кои се јавува, скриениот лик на насилникот некаде далеку зад екранот и според штетата и последиците што ги предизвикува, го става во група на најчестите форми на насилство и малтретирање. Според некои истражувања, интернетското насилство погодува околу 35 отсто деца од вкупниот број деца.
САЈБЕР-MAЛТРЕТИРАЊЕ
Сѐ додека нашето општеството не го препознае сајбер-малтретирањето како она што е, страдањето на илјадници тивки жртви ќе продолжи, изјавила Ана Марија Чавез, адвокат и борец против насилството во секоја форма.
Не сфаќаат насилниците дека не можеш да негуваш злоба кон другите, а да не станеш и самиот предмет на напад на туѓата злоба и нетрпеливост. Злото секогаш раѓа зло, толерирани предрасуди предизвикуваат нетрпеливост, а тоа раѓа омраза и насилство од секаков вид.
Некои од истражувањата покажале дека голем дел од насилниците со нивниот бес и насилничкото однесување ги истиснуваат сопствените недостатоци на самопочит и сигурноста во себе. Главно се тоа луѓе што не се чувствуваат сигурно, ниту пријатно во реалниот свет, а нивното искуство главно било искуство на неуспех, одбивање и недостиг од способноста нормално да функционираат.
Развојот на модерната технологија овозможи, покрај напредокот на многу полиња на општествениот живот, појава на софистицирана и суптилна форма на малтретирање и злоставување. Многу насилници со развојот на технологијата се чувствуваат моќни и недопирливи зад своите екрани и анонимни тастатури. Сѐ поголем бројот е на оние што се малтретирани со недолични и психопатски пораки пратени од лажни акаунти или напаѓани и малтретирани од лажни профили. Најчеста мета на овие насилници се деца, луѓе за кои сметаат дека се лесен плен или луѓе што имаат различен или спротивен став или мислење од нивното.
Без оглед на причината или методот на малтретирање, оваа појава зазема сѐ поголем замав и треба да ѝ се спротивставиме сите ние, а институциите треба сериозно да го сфатат овој проблем и да работат на негово превенирање и санкционирање.
ЗАПИРАЊЕ НА НАСИЛНИКОТ
Најсигурен начин за решавање на ваквите ситуации е запирање на насилникот, кои колку и да изгледаат груби и силни, во суштина, длабоко во себе се кукавици. Насилниците кои во почетокот успеваат во своите намери и малтретирање при промена на ситуацијата со која мислат дека владеат, ја губат и храброста и контролата.
Некои од начините е нивно игнорирање, блокирање, јавно спротивставување или јавно посочување на истите или ситуацијата во која се наоѓате, а ако сево ова не вроди плод, и нивно пријавување на надлежните институции.
Покрај жртвата и сведоците на насилството можат и мораат да преземаат најразлични мерки за да ѝ се помогне на жртвата и да се одврати насилникот и никако не смеат да останат неми набљудувачи, затоа што насилниците се силни само затскриени зад тишината и анонимноста.
Институциите, пак, од своја страна треба да преземаат низа мерки и дејствија, да се престројат и усогласат со развојот на технологијата, а потребни се и законски измени за санкционирање на овие појави, но и регулирање на областа на социјалните мрежи и порталите за кои не се знае ни чии се, ни каде се.
Сите ние треба да сме свесни дека затварањето на очите пред овој проблем или непреземање ништо нѐ дефинираат и нас како личности и нашето општество, нашите избори што ќе ги направиме, покажуваат што сме и кои сме, многу повеќе од нашите способности.