Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден воведе нови санкции кон Русија и ќе протера дипломатски персонал, како одговор на мешањето на Кремљ во изборите во САД и хакерските напади врз институции во Вашингтон.
Според Си-ен-ен, претседателот Бајден потпишал декрет за нови санкции од американската администрација со цел да спречи цела низа штетни активности на руската надворешна политика, се вели во соопштението од Белата куќа.
Соединетите држави исто така објавија дека руската надворешна разузнавачка служба стои зад хакерските напади насочени кон федералната влада и голем број субјекти во приватниот сектор во Америка.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан за Си-ен-ен изјави дека целта на Бајден е „значаен и кредибилен одговор, а не ескалација на ситуацијата“.
Бајден смета дека рускиот претседател Владимир Путин и тој треба да организираат состанок на кој „ќе разговараат за сите прашања со кои се соочуваат односите“ меѓу двете земји, рече Саливан.
Американскиот претседател повеќепати изјави досега дека Соединетите држави и Русија можат да имаат „стабилни и предвидливи односи“, како и дека можат да работат заедно на контрола на оружјето.
-Веруваме дека целокупните активности што ги преземаме денес и пошироката дипломатска активност можат да влијаат на воспоставување подобри американско-руски односи, рече Саливан.
Саливан изјави дека Бајден и Путин „биле директни и се разбрале“, за време на телефонскиот разговор во вторникот.
Си-ен-ен претходно објави дека администрацијата на Бајден се очекува да објави санкции во четврток, чија цел ќе бидат руски физички лица и субјекти, покрај новите финансиски ограничувања и протерувањето на десет руски дипломати од Соединетите држави, како одговор на сајбер – нападите и мешањето во САД избори.
Една од причините зошто преземањето на овие активности траеше подолго од предвиденото беше тоа што Белата куќа не беше задоволна од опцијата што првично ја презентираше Стејт департментот и сакаше пошироки санкции, изјави неименуван американски функционер запознат со плановите.
Белата куќа објави разузнавачки преглед на руските активности од широк опсег за време на првата недела на Бајден на чело на Соединетите држави.
Новите санкции се во форма на извршна наредба на Бајден, координирани со Стејт департментот и Министерството за финансии.
Претставници на Стејт департментот се подготвуваат за можен одговор од Русија.
Протераните руски дипломати се од претставништвата во Вашингтон и Њјорк и ќе имаат рок од 30 дена да ги напуштат Соединетите држави.
Новите финансиски ограничувања ќе бидат насочени кон рускиот државен долг, што може да ја загрози руската економија.
Официјални лица наведуваат дека не е познато дали овие санкции ќе бидат доволни за да влијаат на промена на руското однесување.
За време на првиот телефонски разговор меѓу американскиот и рускиот претседател, откако Бајден ја презеде власта, американскиот лидер му се спротивстави на Путин по бројни прашања, од споменатите сајбер напади до труењето на водечкиот руски опозиционер Алексеј Навални.
Администрацијата на Бајден веќе воведе санкции кон Москва за притворање и труење на Навални.
Единствената реакција од Русија засега е повикувањето на американскиот амбасадор во Москва во Министерството за надворешни работи.