Помошник државната секретарка на САД, Карен Донфрид, изјави дека САД се длабоко загрижени поради извештаите за наводниот заговор за дестабилизација на Молдавија.
Во интервју за молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа, Донфрид вели дека Вашингтон ќе продолжи да стои на страната на Молдавија.
-Мислам дека сите сме премногу запознаени со руските игри. Видовме што направи Русија на многу места, вклучително и Молдавија, вклучително и Украина, вклучително и Грузија. Списокот може да продолжи – рече таа.
Донфрид истакна дека Молдавија е во ранлива географска положба поради војната во соседна Украина и предизвикот на отцепеното Приднестровје, каде што Русија стационира војници.
-Додека Молдавија се соочува со овие тешкотии, го има раководството на претседателката Маја Санду, кое покажа длабока посветеност на реформската агенда и желба да се придвижи напред на патот кон создавање посилна демократија во Молдавија – рече таа.
Изјавата на помошник државната секретарка на САД доаѓа по минатонеделните обвинувања на молдавската претседателка Маја Санду која кажа дека Русија планира да користи странски саботери од други земји како Србија, Црна Гора и Белорусија за да го собори раководството на Молдавија и да го запре нејзиното пристапување кон Европската Унија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, минатата недела изјави дека неговата земја открила руски разузнавачки план за уништување на Молдавија.