Американскиот Стејт департмент бара од преговарачите и работната група да продолжат со имплементирањето на Договорот од Пржино. Портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби изјави:
– Ги охрабруваме македонските лидери да го надоградат напредокот што веќе го постигнаа со имплементирањето на политичкот договор од 15-ти јули, којшто всушност претставува најдобар начин за излез од кризата и отварање на пат за кредибилни избори во април, наредната година. Партиите го испуштија клучниот рок да се согласат по сериозни прашања поврзани со формирањето на влада, заштита на дојавувачите на корупција и криминал и заштита на приватноста.
Оттаму велат лидерите изминатиот месец направиле важен чекор со назначување на специјалната обвинителка, на којашто сега треба да и се обезбедат ресурси и персонал кој таа одреди дека и сe потребни.
– Политичките партии не треба да се залагаат да влијаат или да го попречат извршувањето на овие задачи. Се надеваме дека додека работните групи ги продолжуваат разговорите, сите инволвирани страни, интересите на државата, ќе ги стават на прво место, воедно повторувајќи ја својата определба за интеграција на Македонија во евро-атлатските структури – порача Стејт департментот.