САД тврдат дека имаат информации оти Русија подготвила група оперативци за спроведување тајна лажна операција (т.н. false flag operation, што означува напад на сопствените сили со намера да се добие изговор за вистинската цел) за да си отвори можност за инвазија на Украина, изјави американски официјален претставник за Си-ен-ен.
Неименуваниот функционер објаснил дека САД имаат докази оти оперативците обучени за урбана војна и употреба на експлозиви ќе вршат саботажи насочени кон руските сили.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, рече дека Министерството за одбрана има веродостојни информации што укажуваат дека Русија предложила група оперативци да спроведе операција организирана да изгледа како напад врз нив или врз луѓе што зборуваат руски во Украина за да се создаде причина за потенцијална инвазија.
Ова доаѓа по соопштението на украинското Министерство за одбрана, во кое се наведува дека руски специјални служби подготвуваат провокации против руските сили во обид да ја поткопаат Украина.
Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, негира дека Москва се подготвува за провокации во Украина.
-Сите тие изјави досега се неосновани и со ништо не се потврдени, рече Песков.
Американскиот официјален претставник, пак, за Си-ен-ен тврди дека ваквите акции од руска страна би можеле да почнат набргу.
САД исто така тврдат дека влијателни луѓе во Русија почнале да ја подготвуваат и охрабруваат руската јавност за интервенција.