САД многу сериозно ги сфаќаат сите обвинувања и докази за корупција, рече амбасадорката Агелер за случајот со Рамиз Мерко

by Fokus

САД сериозно ги сфаќаат сите обвинувања и докази за корупција, изјави американската мабасадорка Аџела Агелер, во одговор на новинарско прашање за вчерашната одлука на Стејт департментот да го стави на црна листа градонаќалникот на Струга Рамиз Мерко.

Таа објасни дека вчерашното назначување на Мерко за непожелна личност во САД од државниот секретар Антони Блинкен, тоа е дел од американското право, кое бара државниот секретар да преземе мерки за санкционирање кога се презентирани докази за корупција.

„Со тоа на ова лице и на неговото семејство им е оневозможен влез во САД“, рече Агелер, на вежбата со новите возила во касарната во Штип.

Таа објасни дека за ваквите назначувања за непожелни личности во САД е потребно време и дека тие се проследени со внимателен процес на ревизија и дека не се носат лесно и брзо. Американската мабасадорка рече дека има и бројни други имиња кои се земени предвид и дека американските правни институцуу ги разгледуваат доказите.

„Сигурна сум дека ќе има и други вакви назначувања, но кога ќе има не можам да кажам. Тој процес се води многу внимателно. САД ова го сфаќаме многу сериозно, и обвинувањата и доказите за корупција ги земаме многу сериозно. Народот на Северна Македонија, граѓаните на оваа држава имаат право да имаат избрани функционери на кои ќе  може да им веруваат“, изјави Агелер.

Таа рече дека што ќе се случи отсега натаму овде во Македонија не сака да претпоставува, бидејќи таа е американски амбасадор и САД не може да кажат какви понатамошни активности ќе преземе владата или судството на оваа земја.

„Но се надевам дека ќе може да соработуваме со оние со добра волја и намери да се бориме против корупцијата“, рече Агелер. .

 

Поврзани новости