САД немаат никаква врска со никаков заговор за соборување на белорускиот претседател Александар Лукашенко, изјави денеска портпаролот на Стејт департментот.
– Видовме извештаи во руските државни медиуми за наводен заговор против Александар Лукашенко, како и неговите наводи за ова прашање во медиумите…Секоја сугестија дека американската влада стои зад ова или е вклучена во обид за атентат врз Лукашенко е апсолутна лага, изјави тој за ТАСС.
Во врска со притворот на адвокатот со двојно белоруско/американско државјанство Јуриј Зенкович, осомничен за соучесништво во наводниот планиран обид за атентат врз Лукашенко, портпаролот на американскиот Стејт департмент појасни дека Вашингтон е подготвен да им обезбеди конзуларна помош на своите граѓани.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко синоќа изјави дека спречил обид за државен удар и обид за атентат врз него и неговото семејство, кои ги планирале САД.
Белоруската безбедносна служба (КГБ) синоќа соопшти дека во „специјална операција“ растурила „организирана терористичка група која планирала физичка елиминација на претседателот и неговото семејство“ и „организирање вооружен бунт за насилно преземање на власта“.
Според Лукашенко, Руската служба за безбедност (ФСБ) уапсила двајца белоруски државјани во Москва, и тоа политикологот Александар Федута и адвокатот Јуриј Зенкович-кој има и американско државјанство.
„Ја приведовме групата, тие ни покажаа како сè испланирале, јас занемев. Тогаш откривме дека тоа е работа на разузнавачки служби, кои јасно се странски, најверојатно ЦИА и ФБИ, рече Лукашенко во видеото објавено од претседателството.