Американскиот претседател Џо Бајден денеска на Самитот на НАТО во Брисел најави дека САД ќе и испратат на Украина оружје и друга безбедносна и одбранбена опрема во вредност од една милијарда американски долари.
– Во текот на изминатите неколку недели, САД одлучија да испратат безбедносна помош за Украина во вредност од милијарди долари. Зборувам за системи за противвоздушна одбрана, противтенковски оружја, беспилотни летала и милиони парчиња муниција – истакна Бајден.
Тој го нарече формирањето на четири нови борбени групи во источниот дел на ЕУ, односно во Словачка, Романија, Бугарија и Унгарија, „силен сигнал“ дека НАТО „колективно ќе го брани и заштити секој дел од својата територија.
Инаку, и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека одлучиле да ја снабдат украинската војска со противтенковски и противвоздушни системи и дронови, но, како што рече, нема да испраќаат свои трупи во Украина.
-Тоа би значело вклучување во директен конфликт со руските трупи – кажа Столтенберг, фалејќи ја „храброста и посветеноста на Украинците додека се борат за слобода и својата иднина“.
На самитот во Брисел, лидерите на НАТО се согласија да се засили одбраната на истокот на Европа, при што ќе бидат испратени четири нови борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.
НАТО истовремено ја повика Кина да се воздржи од обезбедување економска и воена помош на Русија.