Американската влада ќе ја испрати првата делегација на високо ниво во Кина откако претседателите на двете земји, Џо Бајден и Си Џинпинг, минатиот месец на Бали ветија дека ќе работат на „затоплување на односите”.
Помошникот државен секретар за Источна Азија и Пацифик, Даниел Критенбринк, заедно со генералниот директор на Советот за национална безбедност за Кина и Тајван, Лора Розенберг, ќе престојуваат во Кина 11 до 14 декември, објави Стејт департментот.
Тие ќе ги посетат Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Во Кина, мисијата на Критенбринк ќе биде почеток на исполнување на ветувањата на Бајден по неговата средба со Си Џинпинг на маргините на самитот на Г-20 во Бали во средината на ноември.
Двајцата лидери тогаш ветија дека ќе продолжат да ја водат конкуренцијата на нивните две земји на одговорен начин и да ги истражат потенцијалните области за соработка, соопшти Стејт департментот.
Истовремено, САД порача дека не ја охрабруваат Украина да спроведува операции на територијата на Русија.
-Ние, се разбира, не ги охрабруваме ниту помагаме украинските операции во Русија. Се обидуваме да обезбедиме украинската страна да може да ја заштити својата територија, да ја врати својата земја изгубена за време на вооружениот конфликт – рече Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Тој додаде дека ескалацијата на воениот конфликт во Украина не соодветствува со американските интереси.
-Од самиот почеток зборувавме за мониторинг и ги зедовме предвид ризиците од ескалација на воените операции, бидејќи тоа е лошо не само за украинското население, туку и за нашите интереси – посочи Кирби.
Тој додаде дека ескалацијата на конфликтот исто така не одговара на интересите на населението на Русија.
Како што претходно соопшти Министерството за одбрана на Русија, Украина на 5 декември со беспилотни летала од советско производство ги нападна руските воени аеродроми Дјагилево во регионот Рјазан и Енгелс во регионот на Саратов.