Сѐ уште се чека вештачењето од Германија за пожарот во модуларната болница

by fokus

Од Иницијативата „Подобро за Тетово“ реагираат дека поминале 2 месеци од трагедијата во која животот го загубија 14 пациенти и членови на семејствата во модуларната болница во Тетово и од ден денес сè уште нема никаква одговорност, ниту морална, ниту кривична.

-Деновиве слушнавме дека политичарите можат да поднесат оставки кога ќе изгубат избори, но не и кога животот ќе го загубат 14 луѓе. Тетово и јавноста сакаат да знаат до каде е истрагата? Зошто Обвинителството објави дел од вештачењето на крим-техника без да го покаже извештајот на германските експерти? Дали овој извештај е издаден за амнестирање на одговорните во предизборниот период по барање на Владата?, прашуваат од Иницијативата.

„Фокус“ вчера побара одговор од Обвинителството за тоа дали е пристигнато вештачењето од Германија, и дали наводите во него се поклопуваат со веќе прибраните докази и сознанија? Од обвинителство утринава ни одговорија дека сѐ уште се чека вештачењето од Германија.

-Јавните обвинители кои преземаат дејствија во насока на расчистување на причините за пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, интензивно постапуваат. Се очекува во обвинителството да пристигнат извештаите од наредените вештачења, меѓу кои и вештачењето од експертите од Република Германија. Откако ќе се приберат материјалните и вербални докази, обвинителите ќе ги разгледаат и анализираат, ќе биде утврдено дали и каде постои кривична одговорност, по што ќе биде донесена и одлука за натамошниот тек на постапката, ни одговорија од Обвинителството.

Освен причинита за пожарот, кои ги истражува тетовското обвинителство, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет и за набавката на сите модуларни болници во земјава. Засега не откриваат детали, потенцирајќи дека предметот е во предистрага.

-Предметот што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го отвори по допрен глас во насока на проверка на спроведувањето и реализацијата на јавната набавка за изградба на модуларните болници во државава е во предистражна постапка и по него активно се постапува. Со оглед на обемноста на прибраните материјални докази потребно е време за сеопфатна анализа. Во моментот кога обвинителството ќе оцени дека споделените детали нема да и наштетат на постапката, навремено ќе ја информира јавноста, ни одговорија од Обвинителството.

ПОЖАРОТ СЕ ГАСНЕЛ СО ЌЕБЕ, А НИКОЈ НЕ СПОМЕНУВА ПРОТИВПОЖАРНИ АПАРАТИ

Пожарот во модуларната болница изби на 8-ми септември годинава. Како што веќе објави „Фокус“, првите обиди да се справат со пожарот го направиле припадници на  медицинскиот персонал кои се затекнале внатре, и тоа со она што прво им дошло при рака, однсоно со ќебе и вода. Оваа информација уште повеќе ги потврдува и првичните неофицијални информации дека во објектот немало противпожарен апарат.

Неодамна, во Основното јавно обвинителство Тетово беше доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

– Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, информираа тогаш од Јавното обвинителство.

Сега останува да се почека што ќе открие и вештачењето на германските експерти.

Валентина Вурмо

Поврзани новости