Ружин: Ципрас ни рече дека со Заев се како браќа

by fokus

Имавме многу срдечна средба со прекрасна, едноставна и скромна личност. Вака професорот и ректор на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, за Дојче веле ги сподели првите импресии од синоќешната средба со грчкиот премиер во Атина, Алексис Ципрас

Добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година Уидидед Бушамауи, придружувана од ректорот Нано Ружин и Сефер Цаноски, сопственикот на Универзитетот ФОН во Скопје, се сретнаа вчера во Атина со грчкиот премиер Алексис Ципрас за да му ја соопштат иницијативата заедно со македонскиот премиер, Зоран Заев, да биде кандидиран за нобеловата награда за мир поради Договорот од Преспа.

-Премиерот Ципрас беше пријатно изненаден што иницијативата доаѓа од добитник на Нобеловата награда за мир, и од претставници на една независна институција – Универзитетот ФОН. Рече дека тој чин го разбира и го прифаќа како силна поддршка за процесот што го започнале заедно со неговиот колега, Зоран Заев. Иако и двајцата се уште се изложени на разни националистички испади, смета дека оваа номинација им дава дополнителна сила успешно да го завршат процесот – вели Ружин.

На средбата со гостите од Македонија, грчкиот премиер ја пренел и неговата честитка за Нова Година и Божик до сите наши граѓани, со желба двете земји идните прослави да ги дочекаат без никакви билатерални проблеми.

-Во тој пријатен и спонтан разговор, реков дека господинот Ципрас во многу нешта е сличен со нашиот премиер Заев, на што тој низ насмевка одговори: „Да, да, ние сме како браќа“ – раскажува Ружин.

Поврзани новости