Русковска за обвинувањата на Боки 13: Ако има докази нека ги достави до Јовески!

by fokus

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вели доколку Бојан Јовановски има докази дека постапувала незаконски, тогаш да ги достави до републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

-Ако има докази дека сум постапувала спротивно на закон, нека ги достави до Јовески, изјави за „Фокус“ обвинителката Русковска, откако денеска во Кривичниот суд, на судењето за „Меѓународен сојуз“, обвинетиот Јовановски побара нејзино изземање.

Јовановски барањето за изземање го поткрепи со докази добиени од неговиот телефон, односно се повика на меѓусебна комуникација со обвинителката, која според него, му откривала детали за истраги. На барањето за изземање се приклучи и Фросина Ременски.

Боки 13 најави дека увид во комуникацијата на неговите разговори со Русковска ќе може да направи републичкиот обвинител Јовески, кој треба да одлучи дали ќе ја иземе обвинителката Русковска од случајот.

-Со застапникот на ова обвинение јас имам остварено вербална и пишана комуникација во мојот телефон. Лицето се водело по лична омраза и умисла, причините ќе бидат интерпретирани. Со лицето Вилма имам остварено комуникација која на ова усб ќе го доставам, ќе се види како Вилма ме информира за апсења и притвори на повеќе лица, ми дава информации за службени дејствија за да го искористи медиумскиот простор на тогашната 1тв. Во оваа комуникација ќе се видат и лични квалификации за одредени лица како постапувала Вилма. Вилма во пораките ме информира за апсењето на Стевчо Јакимовски и ми вели дека треба да пратам тв екипа, истакна Јовановски.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости