Русковска по објавата на снимките од “Рекет”: Димишков не беше обвинет бидејќи немаше докази

by fokus

Денеска во јавност беа објавени две аудио снимки поврзани со случајот “Рекет”. На нив се слуша гласот на адвокатот Васил Димишков, а во разговорот се споменува името Орце, а  и името Бојан. Гласот, пак, за кој се тврди дека е на Димишков, во повеќе наврати зборува за гаранција, која во моментот не била возможна како опција. Се споменуваат и големи суми на пари, но не е јасно во кој контекст и за што.

Обвинителката Вилма Русковска вели дека овие снимки не се нови и дека биле дел од доказниот материјал за “Рекет”, но биле изведени на рочиште затворено за јавноста.

На прашањето на “Фокус”,  за улогата на Димишков во случајот, бидејќи во јавноста се прави тенденција дека и адвокатот бил вмешан, Русковска вели:

-За него немаше реални докази, затоа и никогаш не беше обвинет. Тој се појави во судница но како сведок повикан од одбраната на Бојан Јовановски, изјави Русковска за “Фокус”.

Димишков во судница сведочеше дека Орце Камчев сакал да го ангажира како адвокат во неговиот тим на одбрана, а откако Камчев завршил во притвор, средби со него за да го ангажираат барале, сопругата на Камчев, Ана и осудениот во овој случај Зоран Милевски – Кичеец.

Димишков се среќавал со нив, но на крајот одлучил да им даде понуда која нема да можат да ја прифатат. Откако Камчев завршил во притвор, многу негови пријатели фаќале врски.

-Јас сметав и сметам дека тие сакаа да ме искористат, да ме ангажираат како бранител, бидејќи  доколку ме ангажираат, во тој случај судијата на претходна постапка, мојата сестра, која постапуваше, по сила на закон ќе биде изземена од предметот. Анализирајќи ги разговорите со Камчева и Милевски, проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот. Кога се јави Милевски му кажав сума која за нив нема да биде прифатлива. Откако му ја кажав сумата, ниту некој ми се јави, ниту ме побара, рече Димишков.

Димишков е брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која постапуваше во истрагата за “Империја”.

Валентина Вурмо

Поврзани новости