Русковска немала надлежност да постапува по кривичната за Муареми, утврди надзорот на ЈО

by Фокус

Двајца јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Севера Македонија, постапувајќи по претставка од Управата за финансиска полиција, извршиле надзор и увид во предмет оформен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Меѓутоа, како што соопштија од ЈО, само еден од обвинителите што постапувале дал информација.

„При вршењето на надзорот, јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале во предметот беа задолжени да изготват информација за наводите во претставката. Меѓутоа, само еден од јавните обвинители постапи по задолжението и ја достави бараната информација. Одбивањето да се даде бараната информација за да се утврдат фактите за постапувањето по конкретниот предмет, го поткрепува сомнежот за недоследности во постапувањето“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека со надзорот во предметот е утврдено дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција примило анонимна кривична пријава на 3.5.2022 година, а на 18.7.2022 година изготвено е барање за издавање наредба за претрес, а барањето истиот ден е доставено до Основниот кривичен суд Скопје. Сепак, констатирани се неправилности во постапувањето во конкретниот предмет.

„При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои согласно чл.33 ст.2 од Законот за јавното обвинителство имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“, стои во соопштението на ЈО.

Според тоа, истакнуваат од таму, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија укажува дека предметот треба да се заведе во соодветен уписник и согласно распоредот да се додели на јавен обвинител кој е распореден во Специјализираното одделение. Исто така, укажано е дека во образложението на барањето на Судот погрешно му се даваат податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава.

„Анонимната кривична пријава и конкретните наводи во неа, непоткрепени со ниту еден доказ или со други средства, можат да бидат повод за поведување кривична постапка, но таа не обезбедува определен степен на веројатност дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка за да има основи за барање на претрес на простории на државен орган и претрес на лице“, стои во денешното соопштение од Jавно обвинителство.

Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава. Воедно, укажано е дека од  содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.

Поврзани новости