Русковска: Јас сум единствен шеф кој не излегол од судница, но секој со своето воспитување

by Frosina Fakova

Обвинителката која го води случајот „Рекет“ и раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска по навредливите пораки кои и ги упати во судница денеска поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева во изјава за „Фокус“ објаснува зошто не била на завршните зборови, но не ги коментира навредите кои ѝ ги упати Јанева.

-Не бев на завршните зборови затоа што имам еден куп заостаната работа како шеф и јас сум единствен шеф на Обвинителство кој од кога е избран, не е излезен од судница. Што се однесува до навредите, секој со своето воспитување, ни изјави Русковска.

Јанева денеска во суд, во своите завршни зборови како обвинета во случајот „Рекет“ упати низа навреди до Русковска, која јавно има кажано дека по започнувањето на истражната постапка започнал анимозитет кон Јанева. Таа пак денеска не бираше зборови за неа.

-Кога станав шеф на СЈО, многу обвинители сакаа да дојдат. Ама јас реков дека за борба против криминалот ни требаат чесни луѓе. Затоа ги исфрлив некои и останувам на тој став. Не би одбрала обвинители што после четири часот не можат без салатка и ракија. Пијаници и неисполнети личности не ми требаат, рече Јанева.

Таа рече дека е во притвор за да се спаси бизнисменот, Орце Камчев.

– Доколку ги знаете сопружниците Камчеви нема никогаш да дозволите да ви се доближат ниту до судската зграда. Орце Камчев се покажа дека е „валкан“ играч и дека мисли дека може се да купи со пари, се излажа. Мене не можеше да ме купи. Искористи едно искрено пријателство со Бојан за да ме стави на столб на срамот, изјави Јанева.

Русковска не беше во судница да ги слушне завршните зборови ни на првообвинетиот, Бојан Јованоски-Боки 13 бидејќи била на судење за организаторите на упадот во Собрание на 27 април. Во судница вчера и денеска ја земенуваа колеги обвинители.

Пресудата за „Рекет“, еден од јавно најекспонираните судски случаи, е закажана за 18 јуни во 10 часот.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости