Русковска: Алими бил одговорен за вратите во Собранието, не е точно дека тој го спасил Села

by fokus

Обвинителката Вилма Рускоска синоќа во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21, истакна дека најверојатно ќе се жали на затворската казна која ја доби Абдулфета Алими, кој беше осуден на седум години затвор, бидејќи како што вели таа, тој бил одговорен на 27 април за вратите на Собранието.

Обвинителката додаде и дека Зијадин Села го спасил еден од демонстрантите, кој беше сведок во случајот, а не Алими.

– Абдулфета да си ја изврши работата и задачата немаше да треба никого да спасува. Зијадин Села го има спасено еден од демонстрантите, кажа „помогнете го утепавте човекот мртов е“, и го донесе во ресторанот на пратеници и дури тогаш доаѓа Алими и помага на Тони, вели обвинителката.

Рускоска додава дека од прозорот на кујната на бифето и по пожарните скали го качиле Села и така се спасил.

– Не е точно дека Абдулфета го спаси и ќе повторам, да си ја вршел работата немаше да треба никого да спасува. Тони бил и во Брзата помош и чекал додека траела операцијата, а кога го сместиле на Интензивна си заминал и рекол „од мене толку”, завршува Рускоска.

За насилниот упад во Собранието највисока казна доби Митко Чавков, а Игор Дурловски доби ослободителна пресуда.

Според кривичното дело, на обвинетите им се закануваше казна затвор од најмалку 10 години до доживотен затвор.

Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.

Поврзани новости