Папата Франциск ќе одржи миса на централниот плоштад во Скопје

by fokus

Првпат во својата историја Република Северна Македонија на 7 мај ќе бидат домаќини на посетата на светиот отец папата Франциск и на високата делегација од Ватикан.

Во рамки на програмата папата Франциск и делегацијата на Ватикан на аеродромот во Скопје ќе пристигнат на 7 мај во утринските часови, при што ќе биде организирана соодветна церемонија за добродојде, а официјалната церемонија со највисоки државнички почести ќе се организира во претседателската палата на Водно, по што ќе следува средбата со претседателот Ѓорге Иванов.

– Светиот отец потоа ќе оствари средба со претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе следува средба со претставници на државниот врв, на цивилното општество и на дипломатскиот кор. Потоа е предвидена посета на „Спомен куќата на Мајка Тереза“, каде папата ќе има средба со лидерите на верските заедници и средба со сиромашни граѓани. Централниот настан светата миса со која ќе чиноначалствува светиот отец папата Франциск ќе се одржи на плоштадот Македонија, по што тој ќе се упати во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“, каде ќе се одржи екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите од нашата земја и од регионот кои тој ден ќе бидат во Скопје – изјави државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски

Папата потоа ќе се сретне со свештениците и со нивните семејства, како и со многу посветените лица од Католичката црква, по што ќе следи официјалното испраќање на делегацијата со соодветна церемонија на аеродромот во Скопје.

– Со желба за максимално успешна организација на овој настан креиравме посебна веб страница www.papa.mk  на која се објавуваат сите неопходни вести, организациски и сервисни информации од важност за граѓаните и за медиумите. На веб страницата веќе е објавен повик за пријавување за присуство на настаните за граѓани од странство, како и повик за акредитација на странски медиуми. Повиците за пријавување и акредитација на граѓаните на нашата земја и за домашните медиуми ќе бидат објавени деновиве, рече Димовски и најави и следни средби со новинарите за повеќе детали за организацијата на овој голем настан.

Поврзани новости