Луѓето со одредени гени и карактеристики на крвната слика речиси не се заразуваат со коронавирус, открија руски научници во посебна студија. Водач на студијата е директорот на Истражувачкиот институт за епидемиологија и микробиологија Пастер во Русија, Арег Тотолијан, кој е и член на Руската академија на науките.
За време на студијата, тимот откри дека луѓето со високо ниво на интерферон-алфа, високо ниво на лимфоцити во крвта, како и носители на одредени генетски маркери, имаат зголемена заштита од коронавирусот, пренесува БГНЕС.
Така, високото ниво на интерферон-алфа, молекула која се синтетизира од клетките на имунолошкиот систем и има директно антивирусно дејство, го намалува ризикот од инфекција на локално ниво. Доброто ниво на лимфоцити покажува дека лицето има помала веројатност да се зарази, но дури и ако е заразено, веројатно многу лесно ќе ја помине инфекцијата. Меѓу гените кои го кодираат човечкиот имунолошки одговор, научниците идентификувале два заштитни алели (различни форми на ист ген) и еден предиспонирачки за болести.
Претходно, група научници предводени од Фјодор Кондрашов од Австрискиот институт за наука и технологија открија дека новите варијанти на коронавирусот почнале да се шират по укинувањето на ограничувањата во многу земји.
Епидемиолошкиот модел развиен од нив откри дека ризикот од мутации зависи од два фактори: уделот на вакцинираната популација и вкупниот број на заразени. Како резултат на студијата, научниците дошле до заклучок дека поголемиот дел од светската популација (најмалку 60%) треба да се вакцинира.