Руските воени авиони извршија воздушен напад врз сириската северозападна провинција Идлиб, загинаа 16 лица, а повредени се повеќе од 35 лица, соопштија активисти и групите за следење на конфликтот, пренесе ДПА.
Бомбардиран е пазарот во градот Маарет ал-Нумаан, соопшти сириската Опсерваторија за мониторинг на човековите права со седиште во Велика Британија.
Активистите наведуваат дека воените авиони извршиле неколку летови на пазарот, во центарот на градот.
Тие изјавија дека црниот чад се крева над центарот на градот и граѓаните се на улиците, плачат и бараат помош.
Бројот на жртвите најверојатно ќе биде поголем, наведува агенцијата, бидејќи некои од повредените се во многу сериозна состојба, додека многу други се уште се водат за исчезнати или заглавени под урнатините, соопштуваат очевидци на нападот.
Силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, поддржани од руската авијација, од крајот на април спроведуваат масовна кампања против бунтовниците во провинциите Хама и Идлиб, што важат за последните опозициски упоришта во земјата.