Руските комичари се обиделе да го наседнат и Хашим Тачи: Имам среќа што во мојот кабинет беа внимателни

by fokus

Измамниците пробаа да се пробијат и во мојот кабинет, но имаме среќа што во претседателскиот кабинет биле максимално внимателни, изјави денеска косовскиот претседател, Хашим Тачи, на прашање дали тој некогаш разговарал со лажниот Порошенко.

Како што рече Тачи, комичарите не успеале да го пробијат протоклот за телефонски разговори во Косово.

-Јас не можам да разговарам со некого без претходно да бидам информиран, и без да се одредат темите за кои што би разговарале. А потоа треба и мојот кабинет да се поврзе со кабинетот кој што сака да ме контактира од другата страна. Пред 7,8 месеци побарале да зборат со мене, но им се заблагодарувам на мојот кабинет за нивната професионална работа, кои што ги спречија овие измамници – изјави Тачи.

Тој потврди дека македонскиот премиер Зоран Заев му телефонирал синоќа, со цел да ги разјасни изјавите што им ги дал на руските комичари, кои се претставиле како украинскиот претседател Петро Порошенко, а во врска со наводниот договор на Тачи со српскиот претседател Александар Вучиќ за промена на границите.

Одговарајќи на новинарско прашање по прошталната средба со шефицата на Мисијата на ЕУЛЕКС, Александра Пападопулу, Тачи изјави дека, за време на 20-минутниот телефонски разговор, Заев му рекол оти бил жртва на измама, а изјавата што ја дал во врска со наводниот договор меѓу косовскиот и српскиот претседател за доделување на Србија на 10 косовски општини, била „заснована на гласини, дезинформации и податоци лансирани од Спутњик и други руски гласини“.

– Тоа се зборовите кои ми ги рече, истовремено нагласувајќи дека тоа што го зборувал со измамниците кои му се јавиле по телефон се работи кои немаат врска со односите со Косово. Тој, исто така, нагласи дека нема никаков факт, никаков доказ, никаква официјална информација за тоа што го изјавил, туку сето тоа било врз основа на локални и меѓународни гласини, изјави Тачи.

Косовскиот премиер нагласи дека „односите меѓу Косово и Северна Македонија биле, се и ќе останат коректни, позитивни и конструктивни, во духот на добрососедството“ на сите институционални нивоа и дека Приштина ќе продолжи да ја поддржува евроатлантската перспектива на својот сосед.

Поврзани новости