Русија тврди дека уапсила украински шпиони

by Фокус

Федералната служба за безбедност на Русија денес извести дека уапсила тројца украински шпиони, од кои еден „подготвувал напад“ со експлозив.

ФСБ не наведува во кој дел од земјата се уапсени шпионите и кога тоа точно се случило.

Според соопштението, двајца уапсени „стигнале во Русија за да соберат информации и фотографирале и снимале витални стратегиски постројки и сообраќајна инфраструктура“.

Во возилото кое го користеле најдено е оружје, скратена пушка и митралез, како и опрема за лична заштита.

ФСБ тврди дека двајцата уапсени ги регрутирала украинската безбедносна служба СБУ за 10.000 американски долари.

Третиот агент е уапсен на дело со две импровизирани експлозивни направи кои одговараат на 1,5 килограми ТНТ експлозив.

Русија редовно апси лица за кои тврди дека се украински шпиони или саботери кои работата за Киев, особено на црноморскиот полуостров Крим.

Поврзани новости