Руското Министерство за одбрана соопшти дека Украина има рок до утре во раните утрински часови да даде одговор за предавање на Мариупол, објавија западните медиуми, повикувајќи се на руската агенција РИА Новости.
Од 10 до 12 часот по локално време, руската страна предлага да се организира излез на украинските војници и странските платеници без оружје, во тој случај им е гарантирано спасување на животите, а потоа да се отворат хуманитарни коридори за евакуација на цивилите.
Повикани се и претставници на ОН, ОБСЕ и Црвениот крст да ја набљудуваат хуманитарната операција на терен.
Руското Министерство за одбрана го повика Киев „да биде разумен и да ги поништи претходно дадените упатства кои ги обврзаа милитантите во Мариупол да се жртвуваат“.
Москва инсистира писмениот одговор на Киев на овие предлози да се добие пред пет часот изутрина часот по локално време.
Инаку, регионалниот гувернер Павло Кириленко изјави дека интензивното руско бомбардирање на Мариупол продолжува.
– Тие продолжуваат да напаѓаат. Бомбардирањето, воздушните напади и истрелите во градот се постојани. Сега има борби, пукање, токму тоа се случува во градот, истакна Кириленко за Би Би Си, кој е шеф на регионалната администрација на Доњецк, во која е се наоѓа и пристаништниот град Мариупол.
– Денеска добивме информација дека некои луѓе – нема да ги кажувам нивните имиња – кои учествувале во добивање информации и помагале во евакуација на луѓето, се нашле под оган, меѓу нив за жал има и жртви. Тие евакуирале луѓе, додава Кириленко.
Тој додаде дека „окупаторите добро знаат дека се цивили, невооружени луѓе – но тие бараат каков и да е изговор за да можат да пукаат во мирни луѓе“.