Русија не сака да го обнови договорот за извоз на житарици

by Fokus

Русија не гледа основа за обновување на договорот за извоз на жито преку Црното Море, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.

За помалку од две недели истекува договорот со кој ѝ дозволи на Украина да извезува жито од нејзините пристаништа на Црното Море. и покрај војната.

Министерството соопшти дека Русија прави се за бродовите опфатени со договорот да можат да го напуштат Црното Море пред да истече на 17 јули.

Русија долго време се закануваше дека ќе се повлече од договорот, бидејќи не се исполнети ветувањата дека ќе може да извезува сопствено жито и ѓубриво.

Кон средината на мај таа се согласи да го продолжи договорот за два месеци, а оттогаш вели дека не гледа основа за продолжување овој месец.

Руското МНР тврди дека иницијативата овозможила испорака на украинско жито во „добро нахранети земји“, но не и помош за оние на кои им е најпотребна во Африка, Азија и Латинска Америка.

„Петте најсиромашни земји – Етиопија, Јемен, Авганистан, Судан и Сомалија, добиле само 2,6 отсто од извезеното жито“, соопшти  руското Министерство за надворешни работи.

Од таму посочуваат дека ситуацијата се влошува кога станува збор за руското жито и ѓубриво.

„Под овие услови, очигледно е дека нема основа за продолжување на ‘Црноморската иницијатива’, која истекува на 17 јули“, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.

Русија вели дека не гледа напредок за голем број нејзини барања, вклучително и повторно поврзување на нејзината државна земјоделска банка со меѓународниот платен систем SWIFT.

Портпаролката на Министерството, Марија Захарова, рече дека предлогот на ЕУ за формирање специјална филијала на банка што може да користи SWIFT е „неостварлив“.

Поврзани новости