488
Податоците на бугарските тајни служби покажуваат дека Русија им плаќала 2.000 евра месечно на јавни личности, новинари и политичари за да шират нејзина пропаганда во Бугарија, изјави портпаролката на владата и шефица на кабинетот на премиерот Лена Бориславова.
Таа појасни дека парите им биле давани на бугарски политичари, новинари, аналитичари, политиколози и други личности кои се појавуваат во медиуми и нивната задача била да го обликуваат јавното мислење. Според неа, некои од нив биле користени да ја збунуваат јавноста и да шират заблуди и стравови.
„Ова би требало да го знаат сите оние кои бесплатно плукаат по ЕУ и НАТО и ги поддржуваат акциите на Путин во Украина. Оние кои ве инспирираат се платени за тоа. Месечно“, кажа Бориславова.
Бугарија деновиве протера 70 руски дипломати и друг персонал од руската амбасада во Софија. Поради ова, амбасадорката Елеонора Митрофанова кажа дека руската амбасада би можела целосно да се затвори.