Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека по првичниот руски напад врз локално училиште, кое се користело како хуманитарен центар, следувал уште еден удар врз местото каде што цивилите побарале засолниште.
Зеленски објави и снимка од местото на нападот, на која се гледа огромен кратер и спасувачки екипи кои пребаруваат низ урнатините во потрага по преживеани. Руската страна засега не се огласи со официјален коментар за наводите.
Првично, украинскиот претседател соопшти дека во нападот загинале 18 лица. Подоцна, Државната служба за вонредни состојби на Украина (ДСНС) информираше дека бројот на жртвите се зголемил на 24, меѓу кои има двајца спасувачи и четворица полицајци.
Во своето видеообраќање, Зеленски изјави дека бројот на загинатите дополнително се искачил на 26 лица, додека спасувачките операции продолжуваат.
Независна потврда на бројот на жртвите и околностите на нападот засега нема, а руската војска не објави официјална реакција.