Руса Андова по разводот: Не ги жигосувајте децата на самохраните мајки!

by Fokus
Да се биде самохрана мајка во Македонија е еден од најголемите предизвици во животот на една жена, посебно ако се земе во предвид нашата средина и предрасудите кои што многу тешко се искоренуваат.
Фактот што за разведените жени сеуште се користи изразот – распуштеница, додека за разведените мажи никогаш не постоел некој сличен понижувачки збор, доволно кажува како поголемиот дел од народот гледа на овие жени.
Но она што често се занемарува, се децата на разведените мајки, кои не по своја вина стануваат жигосани, неретко исмејувани од свои врсници, но и без доволно финансии и услови за нормално детство, бидејќи по некое непишано правило, кај нас мажите се тие кои заработуваат многу повеќе од жените.
Околу темава, јавно се огласи Руса Андова, присутна на фолк естрадата околу две децении, а од пред две години самохрана мајка на синот единец, 10-годишниот Лео.
,,Децата си се деца, без разлика дали родителите им се разведени или не, и ги заслужуваат сите права и можности за нормален развој. Но од она што го гледам кај нас, не е секогаш така. Веќе две години сум разведена жена, син ми Лео е со мене, но минува доста време и со неговиот татко. Го дадовме максимумот за да останеме во добри односи и по разводот, за љубов на детето. Не сакаме тој да почувствува недостиг на љубов, да биде на некој начин дискриминиран од неговите врсници, но и да има нормално детство и ништо да не му недостасува – раскажува Руса.
Сепак таа вели дека од искуствата на нејзини пријателки и познанички кои што се разведени, голем е бројот на оние кои секојденвно се борат за достоинствен живот за своите деца, а финансиите се еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат.
,,Имам пријателки кои се самохрани мајки, работат за плати од околу 200 евра, тие се и мајка и татко, и едвам врзуваат крај со крај. Освен што се обележани од средината, неретко и избегнувани, и нивните деца често се жигосани и живеат во сиромаштија. Мислам дека тоа треба конечно да се смени, да им се дадат поголеми права на самохраните мајки, заштита на нивните деца, некаква социјална сигурност. Зошто кај нас, по некое правило, ако жената се разведе, автоматски ја губи и финансиската стабилност? Се сеќавам дека во времето на поранешна Југославија, самохраните мајки не само што добиваа работа без проблем, туку им се доделуваше и стан. Денес, се почесто се бара спас со донации од хумани граѓани – тврди Андова.
Таа потенцира дека никој не се разведува без добро да размисли за постапката, посебно ако во бракот има и деца, и опцијата развод секогаш доаѓала како последна,откако ќе се исцрпат сите останати можности за нормален живот.
,,Јас и сопругот се одлучивме за развод по десет години минати во брак, а пред тоа три години во врска. Воопшто не беше лесно, но имавме ненадминливи разлики и сакавме нашето дете да има нормално детство. Токму поради тоа заборавивме на нашите суети, и продолживме да градиме нормален однос и по разводот. Но од исклучителна важност е мојата финансиска независност, бидејќи уште од рана младост јас сама заработувам. Пејам, настапувам, снимам… Си го заработувам парчето леб – појаснува Руса.
,,За жал, тоа не е случај со поголемиот дел на разведени жени кај нас, имам премногу примери околу мене, и сакам да и укажам на новата владеачка гарнитура да се заангажира повеќе околу самохраните мајки. Покрај тоа, треба да се смени и јавната свест, да се сфати дека разводот е нешто што може да му се случи секому, ако некој има идеален брак денес, не значи дека и утре ќе биде така.

Разведените жени и нивните деца не треба да бидат потценувани и обезвреднувани по никоја основа, напротив, треба да им се подаде рака и да се прифатат како рамноправни членови на нашето општество. А сите оние кои го користат зборот распуштеница, нека се замислат малку, оти сигурно имаат деца и не можат да знаат што ги чека во иднина – тврди Андова.
Таа вели дека искрено се надева како нејзиниот апел ќе стигне до надлежните, со цел да се отворат современи центри за советување и помош на самохраните мајки, но и донесување на нови закони со кои овие жени и деца ќе добијат финансиска сигурност.

Вики Клинчарова

Поврзани новости