Роза Топузова-Каревска сѐ уште е единствената од редовите на здружената опозиција која не потпишала нотарска изјава дека не го прифаќа пратеничкиот мандат. Поранешната народна избраничка од редовите на ЛДП не се јавува на нејзиниот мобилен телефон, не одговара на СМС-пораки, а веќе не постои ниту нејзината приватна фејсбук-страница.
Според партиски извори потпретседателката на ЛДП не присуствувала на последниот состанок на извршниот одбор и не е достапна за сопартијците. Никој всушност не знае зошто Топузова-Каревска одлучи да не ја почитува одлуката на здружената опозиција да не се признаат изборите.
Откако викендов Собранието ги верификуваше мадатите на СДСМ и на нејзината коалиција денеска ДИК информираше оти во среда ќе им ги врачи уверенијата на избраните пратеници. ДИК предвидува во 11 часот да им се доделат уверенијата и на пратениците на СДСМ од каде нема најави дека ќе ја сменат одлуката да не учествуваат во Парламентот.