Кога се конституираше првиот повеќепартиски парламент, немавме ни влада, ни претседател, ни држава дури!

by Фокус

Текстот е објавен на 14-ти јануари 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 811

Пишувал
Стојан АНДОВ

На 10.01.2011 година беше одбележана дваесетгодишнина од конституирањето на првиот повеќепартиски парламент, чиј состав  федералната единица Република Македонија, која беше една од шестте Републики во СФРЈ, ја прогласи за независна држава. За така важен настан одбележувањето беше премногу скромно и таа забелешка не се однесува само на сегашниот состав на Собранието и неговото раководство, туку и на јавните личности и институции во државата во целина. Но, тоа се заборава.

За историското паметење останува само настанот чија дваесетгодишнина беше одбележана. Оние кои се родиле во далечната 1991 година, оваа година ќе наполнат дваесет години. Тие се веќе полноправни граѓани на оваа земја со право да расудуваат и да одлучуваат за својата иднина. Но, тие во градењето на своето мислење за тоа што започнало со конститутивната седница на првиот повеќепартиски парламент, не можат да се потпрат на своите сеќавања.

Тоа не можат да го сторат и припадниците на неколку генерации пред нив. А и на современиците на тој настан, со текот на времето, им бледеат сеќавањата и настаните им се помешуваат во нивната свест. Затоа ние, учесниците во тие клучни историски настани, сме должни да потсетиме на околностите и комплексноста на состојбите во кои пратениците од првиот состав на повеќепартискиот парламент успешно ја одиграа својата улога.

КОНФЕДЕРАЦИЈА ПРОТИВ ЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА

На 10 јануари не се одржа спомнатата конститутивна седница, туку два дена порано. Сепак, на 10 јануари 1991 година се одржа седница на претседателството на СФРЈ, која имаше пресвртно значење за судбината на СФРЈ и за Републиките што ја сочинуваа. Треба да се потсетиме дека во доцната пролет се одржаа првите повеќепартиски избори во Словенија и во Хрватска.

Словенија и Хрватска веднаш потоа изготвија предлог за редефинирање на уставното уредување на СФРЈ, барајќи таа од федерација да се претвори во конфедерација. Тој предлог, осмислен и правно оформен на јавноста и беше претставен од страна на претседателите на Словенија и Хрватска, Милан Кучан и Фрањо Туѓман. Иницијативата имаше силно влијание во цела тогашна Југославија и во странство. Но, таа иницијатива не влезе во процедура на разгледување и усвојување од надлежните државни органи.

Наспроти тој потег на Словенија и Хрватска, дојде иницијативата на Србија претставена од Борисав Јовиќ, тогашен претседател на претседателството на СФРЈ. Со таа иницијатива беше презентирано барање спротивно на иницијативата на Словенија и Хрватска. Барањето на Јовиќ беше да се зајакне централизмот и централното одлучување за сметка на правата на републиките и покраините. Предлогот на Јовиќ беше поддржан  од Црна Гора и од двете автономни покраини, кои, како и републиките, имаа по еден член во претседателството на земјата. Босна и Херцеговина и Македонија немаа јасен став кон овие предлози!

Во тоа време бев во Ирак и преку печатот можев да ги следам настаните. Кога се вратив во земјата, дознав дека македонското колебање не било така сигурно, бидејќи македонската власт прифатила во групата на Јовиќ да учествуваат некои истакнати македонски политичари како експерти. Словенечкото раководство летото и почетокот на есента трпеливо чекаше сојузните органи да организираат расправа по нивните предлози. Оваа неажурност се оправдуваше со потребата да се причекаат повеќепартиските избори и во другите Републики.

Есента 1991 година беа одржани повеќепартиските избори во Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора. Текот на кампањата и исходот на тие избори ги вознемирија Словенците и тие дигнаа раце од својот предлог за претворање на федерацијата во конфедерација. Наместо тоа, за 25 декември 1990 година распишаа плебисцит и ги повикаа граѓаните на таа република да гласаат за прогласување на нејзина независност, во рок од шест месеци.

Како одговор на тој потег на Словенците, Јовиќ набрзина изготви информација во која се обиде да ги приближи двата документа: Оној што беше предложен од Словенија и Хрватска со оној што го изготви неговата група. Седницата на претседателството беше закажана за 10 јануари со намера новоизбраните претседатели на републиките, со својот штотуку добиен легитимитет од граѓаните, да прифатат да работат во правец посочен во информацијата на Јовиќ, со што би се маргинизирало значењето на словенечкиот плебисцит. Таа седница на претседателството ќе се одржеше и некој ден порано, да не се задоцнеше со конституирањето на новата повеќепартиска власт во Македонија!

Затоа, штом на 8 јануари се конституира Собранието и беше избран неговиот претседател, утредента претпладне дојде покана и  јас како претседател на Собранието да ги претставувам политичките промени што се случија со повеќепартиските избори во нашата република. Затоа, на 9 јануари беше одржана седницата на Собранието на која бев овластен на седница на претседателството на СФРЈ да учествувам. Таа одлука на Собранието на јавноста и е позната по онаа моја реченица: „За да не го испуштиме возот”!

На  седницата на претседателството на СФРЈ беа поднесени два  предлога: еден  од Слободан Милошевиќ и Јовиќ, со кој се бараше основа за договарање да биде информацијата подготвена од Јовиќ, и предлогот на Кучан, со барање претседателството на СФРЈ да не разгледува ништо понатаму, туку за натамошниот тек и за разрешување на кризата во СФРЈ да се договараат претседателите на републиките и покраините. Тој предлог го подржа Фрањо Туѓман, а после него и Алија Изетбеговиќ. Од Македонија на седницата присуствувавме тројца:  Васил Тупурковски, како член на претседателството на СФРЈ, Владимир Митков, како претседател на претседателството на СРМ, и јас како претставник на новоизбраното повеќепартиско Собрание. Ние го изнесовме расположението на нашето Собрание и врз основа на тоа се придруживме на предлогот на Кучан!

МАКЕДОНИЈА РЕАГИРАШЕ БАВНО

Меѓутоа, во нашата република сѐ уште не беше довршен процесот на конституирање на повеќепартиската власт. Немавме избрано претседател на државата и нова Влада. Тие функции ги вршеа органите од претходната власт. Кај нас сѐ уште бавно продираше свеста дека кризата ја доведе СФРЈ пред распаѓање и дека во таа криза е вклучена и Македонија, која ќе мора да си ја одигра својата улога.

Како резултат на бавното продирање на таа свест, дојде и спорото постигнување на политички договор за првите функции во државата меѓу партиите што влегоа во Собранието. Во Македонија беше создадена напната атмосфера во јавноста и во медиумите сѐ уште доминираа жестоките предизборни кавги. Иако вториот круг на  изборите се одржа на 25 ноември, консултациите меѓу политичките партии за конституирање на новата власт почнаа еден месец подоцна. Цел месец атмосферата беше таква што завладеа страв меѓу политичките лидери јавно да се сретнат и да соопштат дека преговараат за конституирање на новата власт. Тие консултации почнаа на 24 декември!

Тоа утро, Љубчо Георгиевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, разбрал дека сум стигнал од Ирак, ми се јави по телефон и побара да дојде во нашите партиски простории да поразговараме. Ми кажа дека одржуваат некои тајни контакти со Петар Гошев, но сѐ уште не седнале да  преговараат. Констатиравме дека целиот процес доцни и од тоа ќе има штета за државата.

Му објаснив дека јас не можев да стигнам порано, бидејќи се очекува војна во Ирак, а во таа земја имаше голем број вработени граѓани од СФРЈ, меѓу кои и неколку илјади Македонци. Како амбасадор бев должен да ги превземам сите мерки, за тие луѓе на време да се повлечат, за да не се загрози нивната лична безбедност. И, навистина, Заливската војна почна на 17 јануари.

Го прашав Георгиевски, дали има контакт со Партијата за демократски просперитет (ПДП), а тој ми одговори дека ВМРО-ДПМНЕ е против било какво вклучување на таа партија во договарањето за конституирање на новата власт. Си отиде Љубчо, а се јави и дојде Петар Гошев, претседател на Сојузот на комунистите на Македонија – Партија за демократска преобразба (СКМ-ПДП). Средбата траеше кусо. Го запознав Гошев со посетата на Георгиевски  и му предложив тројцата да се состанеме попладне во нивните партиски простории.

Делегациите на првата средба ги констатираа разликите меѓу СКМ-ПДП и ВМРО-ДПМНЕ. Гошев инсистираше Георгиевки прв да каже која функција ја бара за својата партија, а овој пак тоа го бараше од Гошев. После долги натегања, Гергиевски кажа дека тие би се задоволиле ако ја добијат функцијата претседател на Влада.

Ниту еден од нив не пројави интерес за функцијата претседател на Собрание. И двајцата се согласија јас да бидам избран на таа функција. Откако на крајот Георгиевски го побара за ВМРО-ДПМНЕ премиерското место, Гошев побара од него да каже која е личноста што ја предлагаат. После долги расправи, Георгиевски рече дека тој лично ќе биде кандидатот за премиер од ВМРО-ДПМНЕ.

Од тројцата претседатели на партиите што се договаравме за конституирање на новата повеќепартиска власт, само јас имав долгогодишно искуство во работата на владата. Единаесет години бев сојузен министер (во тоа време член на Сојузниот извршен совет) и четири години бев потпретседател за план и развој во Владата на Република Македонија. Гошев до тогаш немаше работено во влада или во владина институција.

Навистина, кога Анте Марковиќ го доби мандатот за сојузен премиер, при крајот на 1989 година, го побара Гошев во својата влада за потпретседател, но овој не прифати. Неговото работно искуство до тогаш беше главно во раководните органи на републичкиот синдикат и во ЦК на СКМ, каде на крајот беше и претседател на таа партија. Љубчо Георгиевски немаше ни ден било какво работно искуство. Моето долгогодишно работење во владите ми укажуваше на битните разлики меѓу задачите што ги има владата и задачите со кои се среќаваат личностите што работеле само во органите на политичките организации!

ВЛАДИКАТА НЕСУДЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ

Откако Георгиевски не попушти пред објаснувањата и аргументите  на Гошев, јас му реков на Георгиевски да не ми замери, но, кога на негово место би бил некој од моите деца и како што е сега  случај со него, јас би го проколнувал да не ја прифати таа функција, дури и ако некој го тера на тоа. Тогаш Георгиевски попушти и утредента го промени барањето.

Рече дека ќе го препушти премиерското место на СКМ-ПДП, но, дека ќе инсистира неговата партија да го добие местото претседател на Републиката. И за тоа место Гошев бараше име на личноста што ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Во таа расправа се изгуби доста време. Едно попладне, неколку дена пред новата година, прилично исцрпени го слушнавме Георгиевски како за претседател на Републиката го предлага владиката Михаил. За момент настана молк, а потоа постигнавме начелна согласност за тој предлог и сите тројца го посетивме владиката Михаил дома!

Во прво време тој се колебаше, потоа прифати, а доцна во ноќта ми се јави по телефон и ми соопшти дека се откажува. Се разбира, таа епизода предизвика очекувани реакции во Централниот комитет на Гошев. Тој беше критикуван и беше сериозно начнат неговиот углед во тоа партиско тело.

Во таква  нејасна ситуација и недовршени преговори за конституирање на новата повеќепартиска власт во државата, се одржа конститутивната седница на 8 јануари 1991 година. Целото конституирање помина со донесување на два акта.

Прво, се изврши верификација на мандатите на пратениците, а потоа беше избран претседател на Собранието. Во расправата беше силно изразено незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ од, како што тие велеа, арогантниот и насилнички став на СКМ-ПДП, и таа партија ја обвинуваа за намерата да ги приграби двете клучни места во државата: претседател на републиката и претседател на владата, што е спротивно на изборните резултати.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека тие се согласуваат јас да бидам избран за претседател на Собранието, но бараат тоа да не биде парцијално решение, туку претходно да се постигне политички договор за трите врвни државни функции.

Бидејќи тоа не беше прифатено, а беше неопходно Собранието  да се конституира, при гласањето пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата. Јас бев избран со 82 гласа. Тоа значи дека пратениците од ПДП, иако воопшто не беа вклучени во разговорите и договарањата за новата повеќепартиска власт, гласале за мојот избор. Без нивните гласови беше невозможно да се избере претседател на Собранието, па обидот за конституирање на Собранието ќе пропаднеше со сите можни негативни последици за нашата Република!

Овие наследени и сопствени почетни слабости, пратениците во Собранието и партиите од кои потекнуваа, мораа да ги совладуваат во од. А за тоа како течеше тој процес и кои тешкотии мораа да бидат отстранети ќе пишувам во следната колумна.

Поврзани новости