Постојат моменти кога се подава рака и таа треба да се прифати. Македонија е исправена точно пред ваква ситуација во однос на процесот на уставни измени во Парламентот, согласно договорот од Преспа. Сé што е добро и кое веќе се случи на земјите коишто се приклучија во НАТО и ЕУ е благодарение на приклучувањето во Европската унија и НАТО, почнувајќи од странски инвестиции до мир и благосостојба, велат од ромската заедница.
„Анализирајќи ги постоечките сценарија коишто беа претставени во јавноста преку јавните дебати и интервјуа и можните предизвици за развојот на државата: првото сценарио е уставните промени да бидат усвоени од парламентот и Македонија да има јасна перспектива, а во регионот да има траен мир. Второто сценарио се нови избори кои нема да ја променат ситуацијата во државата. И третото сценарио е негативно, односно тотална изолација и можна дестабилизација на земјата.
Во дадениот контекст, сметаме дека е значајно и битно позиционирањето и на ромската заедница во Република Македонија, вклучително и на двајцата ромски народни преставници во Парламентот. Во динамичен контекст на избор помеѓу тенденции и сили кои водат кон прогрес или изолација, Ромската заедница се позиционира за влез на Република Македонија во ЕУ и НАТО и создавање јасна перспектива, мир и унапредување на животот на сите заедници кои живеат во државата.
Сметаме дека ромската заедница, ромските интелектуалци преку движењето за Стратешките интереси на Ромите и ромските пратеници треба да ги поддржат заложбите за промени и да соработуваат со немнозинските заедници коишто цврсто и недвосмислено се определени за влез во НАТО и ЕУ.
Ромските пратеници имаат мандат да го штитат интересот на Ромите и да го унапредуваат стандардот и животот на заедницата. Затоа, ги повикуваме да го следат контекстот, да се залагаат за реализација на Стратешките интереси на Ромите и да ги поддржат промените.
Истовремено, по евентуалните промени, очекуваме дека низ процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, Владата ќе го зголеми интензитетот на мерки и политики за побрзо вклучување на Ромите во сите сегменти во македонското општество и со самото тоа, ќе даде позитивен пример во регионот во начинот на интеграција на Ромите“, додаваат тие.