По повод Меѓународниот ден на Ромите, Осми април, Општина Прилеп организираше хуманитарна акција, при што на 330 семејства кои живеат во населбата ,,Тризла 2” им биле поделени пакети со храна и средства за хигиена.
За време на одбележувањето на празникот на Ромите, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски учествуваше во чинот кревање на знамето на Ромите и порача дека сите сме еднакви и дека сме заедно во добро и во зло.
-Оваа година празникот го одбележуваме скромно, но достоинствено, а во таа насока ќе биде и хуманитарната акција која ја спроведува Општина Прилеп, а со која на 330 семејства од населбата ,,Тризла 2” ќе им бидат поделени пакети со храна и средства за хигиена. Сакам уште еднаш да упатам апел до сите граѓани на Општина Прилеп да ги почитуваат препораките и мерките на Владата и на Министерството за здравство. Седете дома и вардете се- изјави Јованоски за време на настанот кој се случи пред општинската зграда.
Сепак, за кратко време, голем број на лица кои добиле од хуманитарните пакети го изразија своето незадоволство на социјалните мрежи. Некои од нив ја фотографирале содржината на пакетите и порачаа дека се чувствуваат дискриминирано, бидејќи не добиле доволно хуманитарна помош.
-Еве што ни се даде по повод Осми април, ова не изнесува повеќе од 350 денари. Не дискриминираат, им требаме само да им гласаме на избори – пишуваат Роми од Прилеп на социјалните мрежи.
Од она што може да се види на фотографиите, семејства од Тризла добиле литар зејтин, килограм брашно, пакување шеќер, пакување сол, пакување леќа, паштети, конзерва сардини, пакување ориз, пакување бисквити и сапун. Негодувањата поради содржината на хуманитарните пакети предизвика голем број на дискусии на социјалните мрежи, и дел од јавноста им ја дава поддршката на Ромите, додека пак дел од граѓаните тврдат дека нема место за поплаки, бидејќи сепак се работи за донации и треба да се покаже благодарност.
Инаку, во населбата Тризла живеат стотици семејства, кои со години наназад се жалат поради сиромаштијата и тешките услови за живот. Во повеќе наврати бараа да се инвестира во изградба на станбени згради за живеење на најзагрозените Ромски семејства, поставување на контејнери со цел да се подобри хигиената, асфалтирање на повеќе улици, како и квалитетно електроснабдување.
Вики Клинчарова