Романија и Луксембург демантираа дека седум земји биле против преговори со Македонија

by fokus

Оваа есен Северна Македонија очекува датум за почеток на преговори со Европската унија, а самите преговори би почнале до крајот на годината. Земјата, како што изјави вчера премиерот Зоран Заев добила писмена гаранција за датум за почеток на преговорите наесен, а за тоа се согласиле сите земји и иако некои од нив имале забелешки во однос на одредени аспекти на спроведените реформи од страна на Северна Македонија, сепак ниту една земја не била против.

Дека ниту една земја-членка не се противела вчера потврди и романското претседателство на Унијата, кое реагираше на шпекулациите дека седум членки завчера на Советот за општи работи биле „против“ преговори со Северна Македонија. Информациите се демантирани и на вебсајтот на Министерството за надворешни работи на Луксембург.

Министерот за надворешни работи на Романија и претседавач на завчерашниот состанок во Луксембург, Џорџе Чиамба во писмена изјава за МИА, потсетува дека компромисот постигнат завчера да се одложи одлуката за старт на преговори е резултат на консензус меѓу земјите-членки, како што предвидува праксата во Советот.

Според извори од Владата, ниту една држава не изразила сомнеж дека РСМ ги исполнила сите задачи. Холандија изразила очекување да се донесе законот за Јавно обвинителство, но без негативен став и со согласност за почеток на преговорите годинава. Најмногу за нас се „бореле“ Грција, Австрија, Словенија, Словачка, Луксембург, Унгарија, Романија, Малта, балтичките држави и Хан. Бугарија била крајно позитивна, Франција воздржана со барање на повеќе време за одлука за двете држави – Северна Македонија и Албанија.

Верување дека ЕУ ќе го загуби кредибилитетот доколку не даде датум оваа есен изразуваат властите во земјава, но и европските експерти, кои, пак тврдат, дека Северна Македонија е „жртва“ на внатрешно-политичките случувања во Унијата.

Претседавачот на ОБСЕ и шеф на словачката дипломатија Мирослав Лајчак вчера од Скопје со порака дека датумот е одложен поради одложувањето на процедурата за извештајот на ЕК во Буденстагот. Земјите-членки, вели тој, немале проблем со нас, имале проблем со Албанија.

Поврзани новости