До полноќ, кога беше рокот за избор за новите министри и заменици, партиите не се договорија, по што нивните претставници си заминаа. Според договорот од Пржино, вечерва беше крајниот рок за избор на министри за внатрешни работи и за труд и социјала предложени од СДСМ, нивни заменици од ВМРО ДПМНЕ и заменици од СДСМ во министерствата за финансии, земјоделство и информатичко општество.
Но, работната група не успеа да се договори за ингеренциите кои ќе ги имаат овие нови членови во Владата. ВМРО-ДПМНЕ смета дека новите министри треба да имаат ограничени овластувања, додека СДСМ бара тие да имаат целосни министерски ингеренции.
Претходно во текот на денот, од СДСМ рекоа дека доколку вечерва не се постигне договор, од утре сите опции се отворени, а договорот од Пржино ќе го сметаат за пропаднат.