Помалку од половина од фирмите кои имаат обврска до крајот на месецов да ги сменат фискалните каси го строиле тоа до денеска.
Според последните податоци на УЈП, 3.348 даночни обврзници од околу 8.9000 успешно ја имаат заокружено регистрацијата на фискални системи на опрема со GPRS уред.
– Потсетуваме дека обврска за воведување на фискален апарат со GPRS уред најдоцна до 31 октомври 2014 година имаат даночните обврзници чиј промет во претходната година надминува 10.000.000 денари, понатаму обврзниците кои вршат угостителска дејност и кои вршат промет на нафтени деривати на мало (бензински пумпи). Рокот за сите други даночни обврзници е до 31 јануари 2015 година. За невоведување на фискален апарат со ГПРС уред законот предвидува времена мерка забрана за вршење на дејност, како и парични глоби за одговорното лице и правното лице – велат од УЈП.
Како што информираат од Управата бројот на фирми што ги менуваат фискалните каси расте од минута во минута како што се налижува крајниот рок.
Близу 50.000 трговци, угостители и други фирми ќе мора да ги заменат своите фискални каси со нови и помодерни до 31 јануари наредната година. Новите фискални уреди ќе имаат вградено GPRS уред преку кој Управата за јавни приходи (УЈП) ќе има увид кога работат касите и така полесно ќе открива кои фирми затајуваат данок. Една нова каса за потребите на обична маалска продавница би чинела околу 200 евра плус ДДВ, информираат компјутерските фирми кои се влезени во овој бизнис.
Трошоците за новите помодерни фискални каси ќе бидат покриени од државниот буџетот, односно на компаниите ќе им се намали данокот во износ од цената на фискалните апарати. Иако не може точно да се предвиди колку оваа реформа ќе го чини државниот буџет, сепак грубата пресметка покажува дека во игра се неколку милиони евра.
Сите 50.000 даночни обврзници ќе мора да ги имплементираат новите каси до 31 јануари 2015 година, а исклуок се речиси 9.000 компании кои лани оствариле промет повеќе од 10 милиони денари, бензинските станици, рестораните и хотелите кои новите уреди ќе треба да ги купат до 31 октомври годинава.
Оваа промена неодоливо потсетува на „реформата“ Патриотски фискални каси на Владата на ВМРО-ДПМНЕ од пред шест години, која предвидуваше трговците да ги надградат своите фискални апарати за да можат да издаваат сметки на кои јасно ќе стои колку од купените производи се од македоснко потекло.
Опозициската СДСМ уште тогаш обвинуваше дека на ваков начин фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат вносен бизнис и во игра повторно беа цифри од неколку милиони евра. Подоцна оваа реформа падна на Уставен суд и трговците беа приморани повторно да плаќаат за да ги вратат касите во првобитната состојба, да бидат помалку патриотски.