Роднините на пациентите доаѓаа на кратки посети со потврда за вакцина и облекуваа скафандер, вели Нуредини

by fokus

Имало пожари во Тетово и во минатото, сум сведочел, но вакво нешто, никогаш не сум видел. За само пет минути отиде се, со таква брзина и сила – вака во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид-центарот во Клиничката болница Тетово.

Тој вели дека веднаш штом добил дојава за пожарот, пристигнал пред болницата. Сликите биле страотни и првата мисла му била дека никој нема да излезе жив од таму.

-Телата коишто се вадеа беа до толку изгорени, како картон. Ништо не остана од болницата, не знам што чудо беше, каква сила беше тоа. Оставаме на надлежните да ја спроведат истрагата како што треба, затоа и не излегуваме со информации, додека тие не го сработат својот дел. Можам официјално да потврдам дека имаме 12 починати пациенти, две жени- цивили исто така се починати, од кои неофицијално едната била на возраст од 29 години, за другата немаме информација. Тие биле на кратка посета кај свои блиски кои се лекувале во болницата. Од починатите пациенти, најмладиот е на возраст од 38 години, но се уште се вршат испитувањата, така да ова што го кажувам се првични информации. Спасени се 12 пациенти – вели Нуредини.

Околу веста дека во модуларната болница имало и блиски на пациентите, а некои од нив сведочеа дека оделе таму за да им помагаат на болните роднини, бидејќи имало недостаток од медицински кадар, тој вели дека состојбата е поинаква.

-Немаме недостиг на кадар, цивилите кои доаѓаа во болницата тоа го правеа со потврда за вакцинација и остануваа на кратко. Во влезот на болницата има скафандери, мораа да ги облечат, и на нивна одговорност беа пуштани внатре на по пет, десет минути, да ги видат своите блиски. Имаме и редари во болницата, и тоа е се што можам да кажам сега, уште трае увидот и се вршат разговори – порача координаторот во ковид центарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости