Основното јавно обвинителство Скопје работи на предмет по поднесена кривична пријава од страна на родителите на 12-годишната Р.И. која во неколку наврати за една година била жртва на сексуално злоставување. Како што информираат од Основното јавно обвинителство, пријавата е против вработени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје, за злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата.
Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство Велес ја известуваат јавноста дека активно преземаат дејствија за утврдување на фактите во врска со случајот на штитеничката од ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје. Во Основното јавно обвинителство Скопје се оформени предмети по писмени известувања поднесени од Министерството за внатрешни работи по кои обвинителството постапува. Доставена е Наредба за проверка на наводите од пријавите и за организацијата и работењето во установата. Повикани се и се врши сослушување на повеќе лица кои можат да придонесат кон утврдување на фактите и за кривичната одговорност“, велат од таму.
Основното јавно обвинителство Велес, додаваат, постапува по предмет во кој обвинет за силување на малата штитеничка е 18-годишен велешанец.
„По применото известување, обвинителството веднаш издаде Наредба за телесен преглед до Институтот за судска медицина. Во текот на вчерашниот ден до Обвинителството од страна на Министерството за внатрешни работи е пристигната кривична пријава против конкретен сторител. Постапката интензивно ќе продолжи со расветлување на настанот се до донесување на јавнообвинителска одлука. Ве известуваме дека сериозно и со големо внимание се следат случувањата поврзани со штитениците од воспитно-поправните установи и целосно се придржуваме во напорите за институционално решавање на проблемот во насока за идно превентивно делување и спречување на девијантните појави, особено оние во кои се децата како жртви. Јавното обвинителство од аспект на своите законски надлежности ги презема потребните дејствија сите инволвирани кои евентуално сториле кривично дело да бидат доведени пред лицето на правдата“, соопштуваат од обвинителство.