Би било погрешно да ви кажам како да гласате, но гласањето во овој момент е најголем императив и во таа смисла ќе посочам на една изрека која гласи „ако не гласаш, тогаш немаш право на мислење“, рече поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон на вечерашната трибина со битолчани.
Лорд Робертсон порача дека одлуката е во рацете на македонскиот народ, и таа треба да се искористи, сега или никогаш.
– Важно е секој да гласа, да ги убедите сите. Вашите соседи да излезат и да гласаат на 30 септември. Кога бев генерален секретар на НАТО јас бев принуден вашата држава да ја нарекувам ФИРОМ, но тоа беше погрешно. Тоа засекогаш може да се промени на 30 септември. Договорот со Грција го гарантира идентитетот, културата, јазикот и ја отвора вратата кон Европа. Одлуката е во ваши раце, сега или никогаш, рече Робертсон.
Поранешниот генерален секретар на НАТО и лидер на неформалната „Група Охрид“ за поддршка на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО нагласи дека говорот на македонски јазик на премиерот Заев во Европскиот Парламент ќе се повтори и по 30 септември.
– Што е понудено како алтернатива на Договорот? Ништо! Со Договорот се гарантира членството на Македонија во ЕУ и НАТО. За младите е подобро Европа да дојде тука, отколку младите да одат низ Европа. Државите кои се дел од ЕУ и НАТО се напредни и развиени, и затоа сите сте пред историски чекор кој мора да го направите. Оваа шанса на Македонија е шанса за новите генерации. Го слушав македонскиот премиер Зоран Заев како на македонски јазик зборуваше во Европскиот Парламент. Тоа беше историски момент, но после 30 септември тој момент ќе се повтори и ќе се повторува, рече Робертсон.