Екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска испрати отворено писмо до министерките за правда и труд и социјална политика, Рената Дескоска и Мила Царовска.
Таа им го честита новиот мандат во Владата и им посака успех во извршување на работните задачи и во остварување на правата на граѓаните за кои Вашите ресори се надлежни.
Во прилог, целото отворено писмо:
„Токму остварувањето на моите права во областа на судството и заштита на правата на децата и жените, односно нивната груба повреда, се причината поради која се обраќам до Вас преку ова отворено писмо, со барање во рамките на Вашите надлежности да преземете соодветна акција со цел непречено остварување на моите права загарантирани со националното законодавство и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РМ.
Заеднички именител на повредите на моите човекови права, за кои ќе стане збор подолу во писмото е постапувањето на судечкиот совет чиј претседател е судијата Добрила Кацарска кој постапува по предметот КОК 21/18 (во јавноста познат под името ТЕНК) кој се води пред Основниот суд Скопје I Скопје, по обвинителен акт поднесен од Катица Јанева, јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите (СЈО). Покрај досегашните повреди на човековите права во текот на постапката по однос на овој предмет, кои беа истакнувани од страна на одбраната, но не се предмет на ова писмо, кај мене постои оправдана загриженост дека во следниов период претстои сериозна закана за моето здравје и за здравјето и животот за моето сеуште неродено дете.
Имено, со оглед на фактот што веќе сум во деветтиот месец на бременост како и реалната спреченост да присуствувам на долготрајните судски рочишта кои за овој предмет се закажуваат последователно во текот на 2-3 дена од работната недела и по правило се одржуваат и по завршување на работното време на судот, со времетраење и до 10 часа во неклиматизирани судници на високи темепратури, следејќи ги препораките на моите лекари, започнувајќи од 30-ти мај, го искористив моето законско право и отворив породолно отсуство. Соодветна медицинска документација за отвореното породолно отсуство, како и лекарски потврди за поткрепа на мојата здравствена состојба беа навремено доставени до судијата Кацарска, пред закажаното рочиште на 31 мај. Како резултат на наведеното, како и фактот што на денот на рочиштето бев во болница да ја примам терапијата, бев оправдано спречена да присуствувам на истото.
На рочиштето одржано на 31 мај оваа година, од страна на моите бранители бев известена дека на предлог на СЈО, било наредено вештачење за да се утврди состојбата во која се наоѓам т.е. да ме прегледа доктор кој судијата дополнително ќе го определи за да констатира дали навистина сум спречена да ги следам долготрајните рочишта. Извесно е дека судијата очигледно го антиципира исходот од ваквото вештачење, со оглед на на информацијата која беше објавена во јавноста дека истото ќе биде доверено на ГАК со која раководи д-р Викторија Јовановска (за која медиумите пишуваа дека е во блиски пријателски врски со семејството на Зоран Заев), па во период од само еден месец (од 13 јуни до 14 јули), зажани се 8 термини за рочишта за овој предмет, кој по својата природа по ниту еден законски критериум не би можел да се смета за итен. Термините на закажаните рочишта го опфаќаат периодот помеѓу 38 и 42 недела од бременоста, што е дури и 2 недели после крајниот термин за породување.
Ваквото постапување на судијата и на СЈО го покажува нивното вистинско лице на бескрупулозен извршител на политички нарачки за кои подолго време пишуваат медиумите, со што повредува повеќе меѓународно загарантирани права, како на пример заштита на мајчинството и грижата за децата како основни права инкорпорирани во одредбите од сите области од Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените, особено во член 12 од Конвенцијата; потребата од посебна заштита и грижа, вклучувајќи и правна заштита на детето пред и после раѓање, утврдено во Преамбулата на Универзалната декларација за човекови права; обврската за државите да обезбедат уживање на највисоките стандарди за здравје и за таа цел да преземат соодветни мерки да обезбедат соодветна пред натална и пост натална грижа за мајката, утврдено во Преамбулата на Конвенцијата за правата на детото; како и правата загаранитирани со повеќе одредби од националното законодавство, вклучувајќи го тука уставно загарантираното право на мајчинство, децата и малолетните лица (член 42 од Уставот на РМ) и бројни одредби од Законот за заштита на децата, Законот за семејството, Законот за работни односи и слично.
Водејќи се од досегашното негативно искуство на општ молк на правосудните органи за прашања од нивна надлежност, како и молк и непостапување на органите овластени да го спречат молчењето на администрацијата, би сакала директно од Вас почитувани министри да побарам одговор на следните прашања:
Г-ѓо Дескоска, дали сметате дека горе опишаниот начин на постапување на судијата е во согласност со основните начела на Законот за судови, односно дали ова е начинот на кој судијата во примената на правото ги заштитува човековите слободи и права (член 2 и член 5 од Законот), дали е ова вистинскиот начин на остварување на целите и функциите на судската власт (член 3 од Законот) и дали ваквото постапување на судијата го гарантира правото на правично судење од независен и непристрасен суд (член 6 од Законот)? Дали ова е начинот на кој Република Македонија се грижи за спроведување на Европската конвенција за човекови права (член 3, 6 и 8 од Конвенцијата)? Дали вака го замислувате реформираното судство и дали ваквиот начин на работа на судиите е утврден во Комитет за реформи на правосудството?
Вас Г-ѓо Царовска, би сакала да Ве прашам дали би можеле да објасните какви права опфаќа породилното отсуство, дали некој може овие права да ги забрани, одземе или ограничи и во која постапка се прави тоа, дали горенаведеното постапување на судот и обвинителството се во линија на заложбите на Владата за заштита на правата на жените и децата и дали е ова начинот на водење на битката за одбрана и унапредување на женските права?
Сега е вистински момент од осмомартовски флоскули, фрази и маршеви за заштита на правата на жената да се премине на дела, да се побара одговорност и да се покаже вистинска грижа, која ќе ги убеди граѓаните дека не живееме во земја од третиот свет туку во земја со апсирации за евроатлански интеграции“, напиша Јанкулоска.