Миле Јанакиески на изборите во 2013 година бил против жителите на Мала Преспа да гласаат во Скопје, бидејќи како што му вели на Никола Тодоров, ќе биде многу очигледно и ќе излезе скандал. Овој разговор денеска беше објавен како доказ во случајот Титаник, во кој поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ се обвинети за изборни манипулации во 2011 и 2013 година.
-Јас да сум од СДСМ ќе чекам на едно избирачко место и ќе направам скандал и тоа не само во Скопје, туку во цела Македонија. Не може на една адреса да има 60 гласачи, му вели Јанакиески на Тодоров.
Потоа, во друг телефонски разговор Јанакиески е многу нервозен, кажувајќи му на соговорник веднаш да престанат со гласачите од Пустец и Гора, бидејќи имало на А1 и многу лошо изгледало.
-Абе ти вести не гледаш. Имаше на А1 и многу лошо изгледа. Ќе ги одврати другите гласачи, ќе речат овие глупости прават и ќе не казнат, заклучува Јанакиески.
Тој вели дека полиција веднаш треба да излезе на овие адреси и да ги запише гласачите, коментирајќи :”Ние држава треба да правиме”.
Во уште еден телефонски разговор, каде што се договара посета на жителите во Пустец, Јанакиески уште еднаш повторува дека тој е против, и дека нема да оди.