На форумот за медиуми организиран од СЕЕМО (Југоисточна медиумска организација) во Скопје, новинарот на „Утрински весник“, Ерол Ризаов му одржа лекција по новинарство и медиуми на министерот за надворешни работи Никола Попоски. Неколкумина новинари седнаа на главната маса до министерот и имаа право да му постават по едно прашање. Ризаов не постави прашање, но сликовито му ја опиша состојбата во медиумите и новинарството во Македонија.
„Очекував премиерот да е тука затоа што секогаш на форумите на СЕЕМО гостуваат премиери и претседатели. Во оваа пригода министре нема да ве прашам ништо. И онака ве слушам секој ден и ви ги знам ставовите. Но, она што е поважно, пред 20 дена од радио програмата на националниот јавен сервис е симната хумористичната серија Хихирику. Месечно хонорарите биле 1.400 евра за осумтемина кои работеле на емисијата. Затоа министере излишно е да зборуваме за медиумите, па и за другите состојби во општеството. Тој што го санкционира хуморот и политичката иронија има проблем сам со себе. Значи министре нема сатира, туку голема цензура“- заврши Ризаов.
Министерот Попоски иако не беше прашан, сепак одговори дека и тој би се вклучил во некаква активност за да помогне во надминување на состојбата, што ни од далеку не ги допре констатациите на Ризаов.
Насер Селмани од ЗНМ беше заинтересиран за новинарот Кежаровски, па затоа го праша Попоски зошто тој и Владата не иницираат, преку министерот за правда, постапка за аболиција на новинарот, за Македонија да не стане втор пример во Европа, по Турција, со затворен новинар. Попоски, очекувано, ја искористи реториката на власта дека не коментираат судски одлуки. Таквиот одговор го повтори неколку пати, затоа што освен Селмани кој го повтори прашањето, реагираа и странски новинари, учесници на конференцијата со констатација дека прашањата што му се поставуваат за Кежаровски се политички и дека министерот мора да одговори. Сепак, Попоски не попушти и остана на проверениот и законски поткрепен одговор дека судски одлуки оваа власт не коментира.
Тоа што извештајот на ЕУ за Македонија постојано нотира дека судството е под контрола на власта, не беше доволна провокација за Попоски. Тоа дека сите меѓународни организации нотираат постојано намалување на слободата во медиумите, дека цензурата, па и автоцензурата се доминатни во новинарското известување, дека медиумите тонат во политичка кал и се одржуваат финансиски со владините реклами, не го сменија ставот на министерот за кого ситуацијата во медиумскиот простор не можело да се гледа како црно – бела. Тогаш каква е? Сигурно бледа.
Попоски ја призна поларизацијата за која зборуваше новинарката Јасмина Миронски, која патем заклучи дека власта со ваквото третирање на медиумите придонела да исчезне јавноста и да нема јавно мислење. Но Попоски не сакаше да се согласи со Петрит Сарачини од МИМ дека поларизацијата настанала и се одржува затоа што власта деветта година избегнува јавно соочување со политичките противници. На прашањето на Сарачини кога министерот последен пат јавно, на медиум, се конфронтирал со преставник на опозицијата, Попоски не сакаше да одговори.
Горан Михајловски од Вест изнесе констатација дека во Македонија има „криза на доверба кај публиката“.
„Не е тема дали има медиуми или дали има информации, туку важно е дали сме релевантни, дали ни верува публиката? Затоа што веќе ние македонските новинари можеме да напишеме солиден прирачник за самоцензура“ – посочи Михајловски.
На сите други констатации и прашања на домашните и странските новинари, министерот Поповски вообичаено ги користеше истите фрази, па неколку пати се вртеше во круг само да ја оправда ситуацијата со медиумите и новинарството во Македонија и да ја подели одговоноста – дека сите сме имале одговорност за медиумите, а најмногу новинарите.
Форумот за медиуми ќе продолжи и утре. Деновиве во Скопје гостуваат еминетни имиња од новинарството и медиумските организации. Имаат цел да дебатираат за состојбата во медиумите, пред се во Македонија, како и за загрижувачата положба во која опстојува новинарството.